March 22, 2023

Политика во новообјавената Европска куќа

Мало политичко препукување имаа можност да слушнат присутните на свеченоста при денешното потпишување на меморандумот за разбирање меѓу Општина Битола и делегацијата на ЕУ, меѓу министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот на Битола Д-р Тони Коњановски.


Градоначалникот, потсетувајќи на успесите на КИЦ во последните 10 месеци оствари 400 проекти и забележа 65.000 посети кои ги вреднува како „дополнителна потврда за ангажманот и тенденцијата овој културно-историски споменик да блеска во сиот сјај“ рече:
„Горд сум, што овие бројки, целосно ги негираат, политичките тврдења, со кои од ова место, минатата година, бев непотребно обвинуван, токму на тема: Офицерски дом. Зимската приказна, Битолското културно лето, научните конференции, музичките концерти, ликовните изложби и многу други настани потврдуваат дека Офицерски дом денес живее, зошто најважно е кога објектот во кој се вложиле финансиски средства, успешно работи во интерес на своите граѓани.
На овој начин, продолжуваме и понатаму, да ја развиваме културата во нашиот град, да бидеме поддршка за младите генерации, а Битола повторно да биде атрактивна културно – туристичка дестинација, која ќе го сочува и презентира своето културно историско богатство.“

Министерката пак “Мене ми претставува голема чест што денес сум тука, бидејќи ова е еден логичен чекор, конзулска Битола да има една ваква институција на самиот Широк Сокак и каде ако не во Офицерски Дом. Офицерски дом е објект кој што опстојува 114 години од кога е изграден и Офицерски дом пркоси на сите погоди и непогоди што во Битола се случиле. Офицерски дом исто така во 2016 година пркосеше на продажбата на којашто беше ставен како безимен објект. Тогаш се слушна гласот на битолчани и за среќа таа продажба беше повлечена за да можеме понатаму да пристапиме кон негова реконструкција. “
Од почетокот на процесот на децентрализацијата локалната самоуправа и централната власт не можеа да ги поделат надлежностите поврзани со зградата и нејзинтата околина, па често културниот споменик е предмет на политичко надмудрување. Како се менуваше надлежноста, така се правеа и повеќе или помалку успешни чекори за реконструкција од 2006 година наваму, за конкретно да заврши во 2021.