Втор ден дојави за бомби во 30 скопски училишта
Лажни се и денешните дојави за бомби кои утринава биле испратени на мејл-адресите на 30 скопски училишта. Но, тоа не значи дека учениците и наставниците се мирни. Напротив. Паниката и стравот сега е сменета и со нервоза од слабиот напредок на МВР да го спречи ваквото измачување на населението.

Министерството за образование денеска порачува дека наставата може да се изведува преку Микрософт Тимс. На 27 февруари Министерството за образование и наука (МОН) им препорачува на училиштата часовите кои не биле изведени по евакуацијата да се одржуваат преку интернет.
Но, не стивнуваат нервозните реакции, најпрвин на родителите кои се оневозможени во секојдневното планирање на дневните активности, а потоа и политичките чинители.

Денеска се огласија и од Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС). „Како претседател на ЗЕЛС го повикувам министерот Спасовски да ги заврши објаснувањата како не можат да ги најдат сторителите, бидејќи во системот и МВР и тој е поставен за министер токму да ги најде сторителите. Не поминува повеќе никакво објаснување бидејќи резултати од ниедна истрага нема“-стои во Фејсбук објавата на напиша Орце Ѓоргиевски , новоизбраниот претседателна ЗЕЛС.
„Го повикуваме МВР да си ја работи работата, да ги обезбеди училиштата 24 часа, а МОН да најде начин да ги надомести изгубените часови“ – велат денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

Проф. Весна Јаневска денеска на прес конференција констатираше „ Наставата е во комплетен прекин. Дојавите за бомби достигнаа бројка од 45 училишта. Родителите на основците револтирани од неспособноста на Владата, секојдневно ги напуштаат работните места за да си ги приберат децата и да ги остават сами дома за да продолжат со онлајн настава. Онлајн настава нема, Тимсот паднал. Оној Тимс кој требаше да го користат децата уште во Корона кризата, имало проблеми со лиценцата. Толку од дигитализацијата. Родителите на социјалните мрежи се организираат да протестираат под мотото “Доста со експерименти со нашите деца”. МВР молчи, МОН молчи“.

На оваа тема денеска молк и во СДСМ. На нивната интернет страница не може да се најде никаква реакција за дојавите , нивниот фокус со неколку соопштенија и реакции се однесува на цената на лебот.