Инфо денови за образовната програма Еразмус + на битолскиот универзитет

Педагошкиот факултет од Битола е првиот домаќин на Инфо караванот за Еразмус+ програмата и студентските активности на УКЛО.
Инфо деновите ги вклучуваат сите единици на УКЛО за да може студентите да добијат подетални информации за најновиот повик и можностите за меѓународна мобилност во рамките на Програмата, како и да чујат искуства од нивни колеги коишто оствариле мобилност преку Еразмус+ програмата. Истовремено, студентите имаат можност да се запознаат и со бројните и разновидни активности на Универзитетското студентско собрание и Факултетските студентски собранија за нивен бенефит.
Е+ инфо деновите се во реализација на тимот што работи на Програмата, предводен од институционалниот координатор на УКЛО, проф. д-р Рената Петревска Нечкоска во соработка со факултетските координатори, додека пак запознавањето со претстојните студентски активности го реализираат претставници на УСС и ФСС, во координација со проректорката за студентски прашања, проф. д-р Јасмина Буневска Талевска.

На презентацијата за старт на инфо деновите што се одржа на 1.03.2023 на Педагошкиот факултет, присуствуваше и проректорката Буневска Талевска, која со студентите го сподели своето лично Еразмус искуство и информираше за настани кои УКЛО ќе ги реализира во наредниот период.
Секој инфо ден има богата агенда, преку којашто присутните добиваат целосна слика како за програмите, така и за искуствата од прва рака на колегите студенти од прв, втор и трет циклус и на професорите кои биле на меѓународна мобилност. Интеракцијата се постигнува преку разработка на конкретните прашања од интерес на студентите, симболични награди за промоција на настанот, како и написи, содржини и вмрежување и размена за подобра видливост на Програмата и издржани апликации.
