СОТИР КОСТОВ – Македонија ја живее својата демократија без народ

Од „Изборна корупција и аномија за победа по секоја цена“и капиталното дело од пет книги споени во насловот “Бренд концепт“ на кои е автор, преку редица други јасни и гласни анализи, опомени, повици и дејствувања за промена на размислата (индивидуална и колективна), за политиката, државата, идентитетот, Сотир Костов, припадник на правничката професија и политологијата, автор и популарното аналитичар е брендот браник на македонскиот идентитет.
Пеланет: Што ни се случува во државата?
Сотир Костов: Во втората половина од втората деценија и првите години од третата деценија од 21-от век ни се случуваат многу лоши работи. Како прво, ни се случува демократија без народ. Власта не ја испочитува референдумски изразената народна воља, поточно го погази суверенитетот на граѓаните, гарантиран со Уставот на Република Македонија, и го смени името на нашата Татковина – Република Македонија, во срамно име кои немам намера да го изговорувам, ниту пишувам, и оттогаш зивееме во уставна криза која се повеќе и повеќе се продлабочува. Понатаму, живееме во држава која ги има сите демократски институции(законодавна, извршна и судска власт), ама најголем број од нив имаат суштински недостаток на права и слободи, бидејќи системот, поточно режимот е изобличен, во правна и политичка смисла, затоа што власта владе авторитарно, да не речам диктаторски(Парадигма Заев, матрица Али Ахмети, и нус-појави, во политичка и морална смисла, од типот на Филипче, Груби, Османи, Реџепи… ). Сето ова од Македонија направи “хибридна држава“, од најгрозен вид – држава со нефункционални државни и јавни институции, која функционира по принципот “одозгора мазно, од одоздола празно“. Сведоци и современици сме и на претворање на нашата држава во државен ентитет кој на политички, економски, партиски, деловен, поединечен и групен план е во науставен, незаконски и неприроден брак со бизнисот и криминалот(тоа се нашите Сицилијанци, Корзиканци и Колумбијци во политиката, судството и бизнисот), и така добивме “заробена држава“ со сите нишани. Се на се наместо “отворено општество“(синтагма на Карл Попер) или “општество за сите“(абортирано чедо на Заев), ние станавме аномично општество, општество без морал, етика и одговорност – општество на беззаконие. Би рекол и бесрамно општество.
Пеланет: Изборот е напуштање на државата или “виткање на кичмата“ ? Затоа што системски се обесхрабруваат граѓаните да живеат и творат во своите родни места.
Сотир Костов: Не! И тоа енергично не. Ниту сум за напуштање на државата, а уште помалку за “виткање на кичмата“ и би додал, не и за виткање на кичмата. Од друга страна во право сте кога велите дека граѓаните системски се обесхарбруваат да живеат и творат во своите родни места, би додал од оваа власт или поточно од забеганата политичка елите(врхушка) на власт. Јас верувам, поточно сигурен сум дека има друг избор, т.е. друго решение. Тоа е пркос, простум и непокор, од сите засегнати, онеправдани, маргинализирани и понижени. Доста молчевме и се покорувавме на луѓе кои работат против националните и државните интереси. Мораме да покажеме граѓанска непослушност, да се бориме, да обвинуваме и осудуваме, како морално(преку Народен морален суд), така и во вистинска смисла на зборот, со поднесување на основани и со докази поткрепени кривични пријави, за сторените злоупотреби, корупции и организираниот криминал, направени од припадниците на власта, нивните бизнис-соработници(кронизам) и нивните најблиски роднини(непотизам).

Пеланет: Обвинителствата се преполнети со предмети за поранешни функционери, нема обвинители, до вчера рачно ги распределуваа предметите, нивниот републички шеф сака да биде уставен судија(!?!) предметите кои добиле некаква јавност имаат предност пред тие на граѓаните и се се влечка со години. Треба ли да се прогласи застој во јавнообвинителскиот систем во Македонија, единствената законска алатка, за надминување на состојбите?
Сотир Костов: Сето тоа е резултат како на немањето стратегија за развој на јавнообвинителската функција, така и на не спроведување на вистинска реформа во јавното обвинителство и во судството во целост. Јавното обвинителство ни е еден вид грд рецидив од минатиот систем, а со накалемувањето на “дивото месо“, Специјалното јавно обвинителство, Катица и нејзините “јавнообвинителски ангели“, на и така со канцер зафатениот јавнообвинителски организам, оваа институција западна во голема криза, од која излезот, сега-за-сега, не се гледа. Појавите од типот на Јовевски и Русковска се само потврда за кризата, за изгубената независност на оваа институција и за губењето на нејзиниот авторитет. Значи, ваквата состојба не е само застој, туку и целосна организациска, функционална, кадровска и институционална криза на јавното обвинителство.
Пеланет: Ако претпоставката е дека живееме со тотална разочараност во политичките процеси кои се случуваат и во внатрешната и надворешната политика, генерално управувањето со државата, кој може и што треба да направи за да ја надмине пасивноста на граѓание, па да победи на следните избори?
Сотир Костов: Претпоставката ви е точна. Дури и повеќе, не живееме само во разочараност, туку и во голема апатија, а се повеќе и повеќе не зафаќаат и очајот и бесперспективноста.
Од една страна, повеќе од неопходна ни е демократизација на демократијата. Да ја отфрлиме формалната демократија која ни се случува, а да ја воведиме и заживееме суштинската демократија, демократијата на демосот, на граѓаните. Впрочем, така е запишано и во Уставот, чие слово вели суверенитетот им припаѓа на граѓаните, и тие даваат и одземаат власт во Македонија.
Од друга страна пак, чинам треба да спроведиме една социјална револуција, со која ќе се справиме со опаѓањето на стандардот и со загрижувачката сиромаштија.
И за едното и за другото ни треба нова политичка и граѓанска култура – култура на законие. Треба да се пресметаме со културата на беззаконие и кутурата на срамот. Тие не водат во провалија. Со нив допревме дно на дното.
Пеланет: Да се биде! Да се знае! Да се памети! Да се постои и опстои!“ Вака завршувате една колумна за Зборникот на браќата Миладиновци. https://kurir.mk/kolumni/za-zbornikot-na-narodni-pesni-od-miladinovci/ Може ли тоа без нарушување на националното?
Сотир Костов: Пријатно сум изненаден што сте ја акцептирале оваа моја мисла. Да бидам искрен, таа е еден микс од филозофија, преродба, паметење на македонските жртви и саможртви и визија и поставена цел на една од кампањите на Бојкотирам!
Да се биде! е преземано од Ж.Ж. Русо и Жан Пол Сартр. Првиот вели да бидеш, значи да дејствуваш, а вториот пропагираше, да дејствуваш, значи да бидеш.
Авторството на Да се знае!, е на нашиот преродбеник, претходник на бараќата Миладиновци, Кирил Пејчиновиќ, кој во камен има запишано “Да се знае, да се знает!“(Каменот останал како силна метафора на македонскиот дух – дух цврст како камен, а жежок како пламенот што во каменот се крие, а стара е вистина дека искрата во каменот се крие и во него е заспана, а два камена во судир можат да ја разбудат, произведувајќи оган.).
Да се памти! е моја мисла за саможртвата на Гемиџиите и Солунските атентатори, за саможртвата на Мечкин Камен, Питу Гули и неговата чета и за сите жртви – положени животи, од Разлог, Кресна, Илинден и НОБ, положени во темелите на нашата државност, независност и солобода.
Да се постои и опстои! е слоган на една од кампањите изведена во склопот на акцијата Бојкотирам!
Сега да одговорам: Да можно е сето ова без нарушување на националното. Бидејќи тоа е во одбрана на националниот и државниот интегритет и суверенитет, кои сериозно се нарушени од актуелната ни анационална власт, која работи наопаку – на штета на нашите национални и државни интереси. Потпомогната од инострани недобронамерници и домашни одродници. Како што понапред напомнав формулата за победа на ова зло е граѓански пркос, народен простум и македонски непокор.
Фото насловна: Слика од екран, сопственост на „Само вистина“, ТВКанал 5
