Средношколците и студентите со протест алармираат за проблемите во образовниот систем и условите на кои се изложени

За средношколскиот стандард, и студентскиот стандард, а против сиот неправеден однос кон овие категории граѓани манифестиран од владата, денеска ќе се протестира пред Министерството за образование и наука ( МОН ).
Протестот е најавен од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) кои со објава на Фејсбук најавија протест за денеска во 12.30часот пред МОН.
Најпрвин го проблематизираат материјалот за полагање на матура, за кој бараат да биде намален. Проблемите и лажните дојави за бомби ги успорија нивните подготовки за матура, кои според календарот за полагање на овој државен испит, досега требаше да започнат со бранење на проектните задачи и подготовките за испитите по македонски и англиски јазик. Матурата годинава е закажана за 27 мај.
Но, од ОДАС протестот го дефинираа и како одбрана на стандардот на средношколците и студентите, кои ги повикаа да им се приклучат. Владата односно надлежното Министерсво во последните 7 месеци не им исплатило ниту денар од средношколските стипендии. Слична е состојбата и кај студентите, кај нив не беа исплатени стипендии за 6 месеци ниту додатокот за студентски оброк.
По најавата дека денеска ќе има протест МОН ги исплати стипендиите што ги должи, но не успеа да го осуети веќе најавениот протест на кој ќе им се приклучат и студентите од организацијата „Студентски Отпор“. Овие во својот повик велат дека е време „студентот да се избори за своите права и да го искаже револтот на улица, кога институциите немаат слух по повеќемесечните барања на студентите. Имаме: Нетранспарентно договарање на цената за субвенциониран студентски оброк од 140 денари кога сите знаеме колкава е инфлацијата и дека таа сума е деградирачка; Континуирано доцнење на исплатата на студентскиот оброк; Неодговарање на апликациите за студентски оброк; Доцнење на исплата на стипендиите на студентите; Мизерни услови за студирање на факултетите, со прокапани кровови; Неисполнети ветувања за реконструкција на студентските домови; Труење со храна и мизерен оброк во студентските домови; Континуиран одлив на мозоци на високообразовани млади луѓе.“
‼️ Доста е од деградирање на студентите и оставање на работ на маргините!
