April 17, 2024

Битолска музичка енциклопедија – Јонче Христовски

Јонче Христовски (Битола, 1931 — Скопје, 15 април 2000) — е истакнат македонски пејач, текстописец и композитор на песни во народен дух, исклучително популарен естраден уметник, кој славата на македонскиот мелос ја пронесувал низ целиот свет.

Создал сопствен интерпретативен стил, препознатлив и комуникативен со публиката. Најзапаметени меѓу народот ќе останат неговите сценски настапи со фрлање на палтото на земја, бакнување на земјата и боемскиот мераклиски начин на живот отсликан во неговите изведби на песните. Неговите песни изобилуваат со изворен македонски народен звук и ритмика и силен македонски патриотски дух на љубов кон Македонија, но и кон животот, песната, љубовта.

Се прославил со својата песна „Македонско девојче“ (1964), чии препеани верзии се појавиле на англиски, германски, дански, италијански, руски, српски, француски и шпански јазик. Впечатливи му биле и изведбите на песните: „Животе мој“, „Ај засвирете ми чалгии“, „Запеј песна Македонко“ и многу други во извонредно богатиот репертоар. Како најзапаметени и највпечатливи негови песни кои сè до денес се своевидни химни меѓу македонскиот народ, со огромна популарност се патриотските песни „Едно име имаме“, „Ако умрам ил загинам“, „Ој, Вардаре македонски“, „И ние сме деца на Македонија“’, „Мој роден крај“, „Куќа имам на Пелистер“ и многу други. Член бил на ансамблот „Танец“ (пејач и играорец), каде како кореограф изработил и создал кореографии за неколку ора, меѓу кои и Калајџиското Оро. Како одговорен за народната музика во ТВ Скопје, ја иницирал серијата „Распеани градови“ (1974), еден од најзначајните проекти на ТВС.

Јонче Христовски бил женет и татко на две ќерки. Неговата сопруга трагично го загубила животот во катастрофалниот Скопски земјотрес 1963 година и токму на неа и за љубовта кон неа, Јонче Христовски ја посветил и напишал една од своите најпознати песни „Животе мој“. Во 2002 година во Скопје е основан ансамбл за народни песни и игри кој го носи неговото име, a македонско културно уметничко друштво со неговото име постои и во Германија.


1336