March 28, 2024

М-р Емилија Стефановска Давкова: За меѓународната заедница најважна е стабилноста на Балканот што води до економски прогрес

Српско-косовски договор во Mакедонија со посредство на ЕУ, македонско-бугарски договор со посредство на ЕУ, БиХ и Косово повеќе или помалку се протекторати на ЕУ. Во сите овие ситуации ЕУ се јавува како посредник во уредувањето на билатералните односи. А сите споменати се потенцијално конфликтни жаришта. За реалната улога на ЕУ, но и другите меѓународни фактори кои доминираат во регионот Западен Балкан разговаравме со М-р Емилија Стефановска Давкова. Во книгата „УЛОГАТА НА ЕУ,САД, НАТО ВО РЕШАВАЊЕ НА ЕТНИЧКИТЕ КОНФЛИКТИ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН објавена од LAMBERT ACADEMIC PUBLISHING во 2018 година.

Пеланет: Дали војната во Украина, со енергетската и економската криза доведе до намалување на безбедноста во регионот насловен Западен Балкан?
М-р Емилија С. Давкова: Западен Балкан не е во непосредна близина на Украина, за да би имало загрозување на безбедноста на регионов, во овој момент,но сепак развојот на настаните по рускиот воен напад сериозно ја разнишаа стабилноста на Западен Балкан, бидејќи целиот регион цели за влез во ЕУ. Засега има штета најмногу од економски аспект со тоа што цените на производите или услугите, кои се поврзани со рускиот пазар се енормно покачени и инфлацијата во Македонија пораснала за дваесет проценти.
Руската Федерација цели на стопирање на ширењето на НАТО и состојбата од Украина може да се прелее на страната на соседите Молдавија и Грузија, а подоцна и на Западниот Балкан. Поради руското влијание во Босна, Црна Гора и Србија, била донесена одлуката за зголемување на трупите во мисијата на ЕУ „Алтеа“во Босна и Херцеговина и, посилната посветеност на ЕУ и САД кон Западен Балкан.

Пеланет: Кои се причините за настанувањето на етничките конфликти на Западен Балкан?

М-р Емилија С. Давкова: Мој потесен интерес на анализа и истражување се меѓуетничките односи во трите земји: Босна и Херцеговина, каде што се важни трите етникуми – Србите, Хрватите и Бошњаците. Косово, каде во современата историја се особено значајни двата етникуми: Албанците и Србите. Македонија каде важна улога во современата политичка историја одиграле два етникуми: Албанците и Македонците. Историските околности имаа влијание на меѓуетничките односи,како и на современите општествени и политички процеси, така што карактеристиките на овие меѓуетнички односи се одразуваат на голема сложеност и слоеви на значење.
Политичката и економската дезинтеграција на СФР Југославија во периодот 1991- 1992 година очигледно имаше своја меѓуетничка димензија. Со распадот на Југославија не завршија сите етнички поделби и не беа решени сите етнички проблеми.

Фото: сопственост на DW

Овие разлики, кои предизвикуваа тензии, а подоцна и конфликти, произлегоа од различните нивоа на економски развој, кои создадоа чувство на нееднаквост или маргинализирање на одредени етникуми во рамките на одредени социо-политички заедници, како и од социолошките особености на етничките заедници, недостатокот на колективна малцински права кои го рефлектираат статусот на етничките заедници, недостаток на механизми за правилно спроведување на правата на етникумите, од политичко надгласување т.е. надгласување на мнозинството над малцинството (мајоризација), дополнително, на недостаток на механизми за афирмативна акција што резултира со трајна дискриминација на малцинските етницитети(на нивото на политика, образование) итн. Ваквите односи често имаат тенденција да произведат радикални начини на решение. Така, Република Босна и Херцеговина, Косово и Република Македонија се справија со меѓуетничките војни. ЕУ, НАТО и САД беа важни во решавањето на воените конфликти, затоа што тие наметнаа и ги спроведоа мировните преговори во сите поранешни делови на Југославија.

Пеланет: Што се случи со БиХ , Косово и Македонија по воспоставените мировни преговори? Пак има стравување од меѓуетнички конфликт.

Фото: мапа Западен Балкан, сопственост на Western Balkans


М-р Емилија С. Давкова: ЕУ, САД и НАТО учествуваа во редефинирањето на политичките системи на државите на поранешна СФРЈ после воспоставените мировни преговори, па затоа карактеристиките и функционалноста на овие политички системи се фокус на мојот истражувачки интерес. Во БиХ војната беше завршена со Дејтонскиот мировен договор со посредништво на САД, кој стави крај на активната борба и грубо ја воспостави основната политичка структура на денешната држава. Со Дејтонскиот мировен договор се воведоа 3 видови на системски решенија:
Федерализација Босна е составена од два ентитета Република Српска (РС) со 49% и Бошњачко/Хрватска федерација со 51% од босанските територии.
Консоцијалната демократија преку подеднаква застапеност на трите етницитети, на власт е голема коалиција, има можност за меѓусебно вето, пропорционалност и сегментална автономија.
Воведувањето на протекторат. Од 1997, Босна стана протекторат на Меѓународната Заедница која го контролира просторот преку цивилната и воена компонента со што првата е одразена преку внесување на високиот претставник и неговата канцеларија која донесува прописи и ја контролира работата на власта, со можност да смени од функција политички претставници и функционери и воената копмпонента е составена од SFOR (Stabilization Force) која оперативно дејствува со полициски овластувања.

Фото: корица од трудот, сопственост на LAMBERT ACADEMIC PUBLISHING


Пеланет: Што се случи на Косово?
М-р Емилија С. Давкова: Во Косово по завршување на војната, беше донесена Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации на 10 јуни 1999 година, со која се овластуваше меѓународно цивилно и воено присуство на Косово, при што се дојде до две излезни решенија:
Косово стана протекторат чијшто простор се контролира преку цивилната и воена компонента. Во однос на првата се воведува Меѓународниот цивилен претставник за Косово (назначен од Советот на ЕУ), кој е пандан на Канцеларијата на високиот претставник во Босна и воведување на КФОР. Во 2007 година, беше усвоен планот на Марти Ахтисари кој дополнително ја воведува Консоцијалната демократија која може да се најде во локалната власт. Направен е чекор напред кон проширени сопствени општински надлежности.
Пеланет: А Македонија ?

Фото: етничка мапа на Македонија по попис 2021, сопственост на ДЗС


М-р Емилија С. Давкова: Во Македонија, после примирјето следуваше Охридскиот рамковен договор,потпишан во Скопје во август 2001 година од македонските и албанските претставници кои учествуваа во проширената владина коалиција на која присуствуваа и евро-американските посредници Леотар и Пердју, со едно излезно решение, воведување на Консоцијалната
демократија, која им дава загарантирана политичка позиција на Албанците. Охридскиот рамковен договор беше компромис помеѓу македонската етничка заедница и албанската етничка заедница во врска со нивната застапеност во политичкиот систем на Република Македонија. Овај договор стави крај на конфликтот во 2001 година помеѓу двете нации и го промени концептот на нашата држава.

Пеланет: Значи кои се ефектите од одлуките на ЕУ, САД и НАТО?

М-р Емилија С. Давкова: Ефектите од одлуките на меѓународниот фактор во главно се позитивни – се карактеризираат со завршување на непријателствата, обезбедување на услови за бегалците кои емигрирале во странство или внатрешно раселените лица да се вратат во своите домови, да ги обноват своите уништени домови и да се вратат на своите економски активности, како и секое друго нормализирање на нивните состојби. Сепак, досега главниот напор на странскиот фактор беше повеќе наменет за обезбедување на безбедност на регионот и населението, како и стабилноста на политичките институции, а помалку за обезбедување на ефективноста на нивните политички системи што ќе биде нивна заложба во наредниот период.

Пеланет: Каква е меѓуетничката состојба во нашата држава според ЕУ?

М-р Емилија С. Давкова: Според Европската Комисија на ЕУ, меѓуетничката состојба останува во претежност смирена. Комитетот за меѓуетнички односи ги зголемува своите напори да ги подобри меѓуетничките односи преку држење редовни сесии без оглед на пандемискиот период со КОВИД-19 и преку имплементација на интеркултурни активности меѓу студентите од различни етнички заедници. Охридскиот рамковен договор од 2001 година, што го зајакнува мултиетничкиот карактер на општеството, продолжува да се имплементира.

Фото: знамиња на држави од Западен Балкан, сопственост Wikimedia

Пеланет: Македонско-бугарскиот договор за соработка, досега барем, како да прави повеќе штета отколку добро.

М-р Емилија С. Давкова: Реакцијата на меѓународната заедница е дека е тоа билатерален проблем, кој, сепак е кочница за македонско членство во „семејството“. Поради провокациите од страна на Бугарија, после потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, дојде до заострување на тензијата помеѓу двете држави, антипатија од страна на Република Македонија кон Република Бугарија поради отежнатата перцепција на донесените заклучоци и одлуки. До решавање на отворените прашања би се дошло исклучиво со помош на меѓународната заедница, при што најмногу помошта ја добиваме од САД, како наш најголем сојузник во решавање на проблемите пред се на меѓународен план.
Добрососедските односи се многу важни за полноправно членство во ЕУ, иако не треба да се зборават и другите услови и препораки, како и многу важните Копенхашки критериуми, коишто нашата држава треба да ги исполни за влез во ЕУ. Па така, со цврсто застанување на меѓународната заедница зад овај процес, со корекција на обостраните грешки, одреден степен на флексибилност и постепено зближување на двете држави би се дошло до крајно решение.

Пеланет: Македонските политичари тврдат дека во Македонија ќе живеат среќни луѓе кога ќе бидеме рамноправна членка на ЕУ. Ви се верува? Има реална основа за тоа? Еве членка сме на НАТО, ама како граѓаните на државава „ниту се осветлени ни загреани“од НАТО ѕвездата.

М-р Емилија С. Давкова: НАТО и ЕУ се два комплетно различни сојузи, па оттука, со влегување во НАТО нам ни се гарантира безбедноста на регионот и зачувување на унитарноста на нашата држава, што колку и да звучи за некои граѓани моментално небитно , тоа е многу важен и клучен момент за одржување на безбедноста, стабилноста и мирот на нашите простори, бидејќи зад нас застанува најмоќната меѓународна безбедносна организација која е создадена со потпишувањето на Северноатлантскиот договор на 4 април 1949 година. НАТО застанува зад нас заедно со сите нејзини 30 држави, меѓу кои сме сега и ние. ЕУ од друга страна,постојано го помага нашиот развој на политички, економски и трговски план, ни помага при дијалог со граѓанското општество, и од ЕУ како наднационален и меѓувладин сојуз (заедница), ние постојано добиваме помош, вклучително и во кризата со Ковид-19. Република Македонија беше првата држава од Западен Балкан што потпиша Договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ, кој стапи на сила во април 2004 година, потоа, во 2005 година следеше доделување на статус на кандидат за членство во ЕУ, па во во декември 2009 година, на граѓаните на земјата им беше доделен безвизен режим за патување во Шенген зоната. Македонија цивилизациски, географски и историски припаѓа во европското семејство,а ЕУ и сега нам ни обезбедува постојана поддршка и финансиска помош преку проекти со цел да и се олесни на нашата држава да може да ги спроведе сите неопходни реформи. Затоа, полноправното членство во Европската Унија и понатаму претставува нашата стратешка цел, со што граѓаните би уживале во далеку постабилна држава со стабилни и развиени институции, многу повисок стандард на живеење, значително намалена корупција, би ги користеле Европските структурни и инвестициски фондови (ESI фондовите), наместо само ИПА и ИПАРД, кои се состојат од пет фондови: Европски фонд за регионален развој (ЕРДФ), Европски социјален фонд (ЕСФ), Кохезиониот фонд (КФ), Европски земјоделски фонд за рурален развој (ЕАФРД), Европски поморски и рибарски фонд (EMFF) и многу други значајни бенифити што би го претвориле овој регион во многу подобро место на живеење и функционирање.

Фото : М-р Емилија Стефановска Давкова


Македонија, не смее да се откаже од идејата и патот кон ЕУ, бидејќи таа ни ги нуди најмоќните инструменти за поттикнување на мирните реформски процеси во регионот. Сепак, проблемот со којшто се соочува Македонија е лошата преговарачка политика што се должи на слабата дипломатија, односно на слабата надворешна политика водена од нашите политичари за разлика од онаа на соседните земји на Балканот. Таквата дипломатија и слабото лобирање кај меѓународната заедница, доведоа дел од билатералните и етничките прашања да станат фокус на преговорите и да се вметнат во Европската преговарачка рамка, за што пофалби доби Софија за
нејзината вешто изведена дипломатија.
Но, мора да се знае дека на ЕУ, САД и НАТО им е најважен мирот и стабилноста на Балканот, затоа што само во тој случај можеме да имаме економски напредок и соработка, како и опстанок на малите народи кои се дел од овај регион. Нашата задача е да се трудиме да ја зајакнеме нашата позиција за да постигнеме напредок за побрзо да станеме полноправна членка на ЕУ, бидејќи тука не се работи само за економска интеграција туку за пристапување во ЕУ како заедница на вредности.


1221