Владата ги скратува можностите за вработување на лица со посебни потреби ?

Во еден месец се одбележаа два меѓународни денови на кои сите ја покажавме посветената поддршка на лицата со посебни потреби. Но.
Последната предлог измена на Законот за вработување инвалидни лица со која се предвидува укинување на даночните бенефиции кај фирмите кои вработуваат лица со попреченост, става во опасност од невработеност околу 5.500 работници од кои скоро 2.500 се лица со намалени способности.
Предложените измени предвидуваат „укинување на ослободувањето од данокот на личен доход (персонален данок) за вработените неинвалидни лица и инвалиди на трудот и укинување на ослободувањето од данокот на добивка.“ Предлог измената се однесува на сите т.н заштитни работилници кои својата работа целосно ја организирале поаѓајќи од инклузивниот принцип. Даночните измени се однесуваат и на малите и на микро претпријатијата кои се основани и водени од лица со намалени способности, во текстилната, пекарската, графичката и угостителската индустрија.

Под директна закана од затворање и оставање на 2.500 илјади невработени лица со намалени способности се околу 200 фирми во државата, велат од ЗАПОВИМ – Заедница на претпријатија за вработување на инвалиди на Македонија. Од лани, кога владата без консултација со нив решила да ги направи измените оваа организација се бори против ваквите измени. Најпрвин направиле анкета кај претпријатијата што вработуваат лица со намалена способност и да не се регистрирани како заштитни работилници. Сите биле едногласни во намерата да ги отпуштат вработените со намалени способности и лицата вработени за нивна поддршка, доколку не ги користат поволностите. ЗАПОВИМ досега испратиле многу дописи и до Министерството за труд и социјална политика, кадешто им кажале дека се работи за даночна измена, па ги упатиле во Министерство за економија, оттаму во Министерство за финансии….На цврстата решителност на владата досега не влијаело ниту образложението дека „ Производните и сите други работни процеси, работните места и целосно капацитетите се потполно креирани во согласност со условите од постојниот Закон. Прилагодување на промени како предложените ќе бара време и ресурси со кои фирмите не располагаат, што ќе ги доведе до финансиски колапс, неможност за одржување на работните места , укинување на дел процеси и намалување на бројот на вработени инвалидни и неинвалидни лица“.

Во прилог на ова биле и објаснувањата дека од Корона пандемијата досега бројот на претпријатија заштитни работилници се намалил, а вработувањето на лица со намалени способности е сеуште проблем во нашата држава.
Од ЗАПОВИМ досега не побарале сојузници во решавањето на проблемот, за ова проговорија стопанственици од Битола на средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ што ја имаа неодамна при редовната средба на партијата со стопанствениците од регионот.
Општ заклучок е дека со предлогот се нарушуваат многу домашни и меѓународни правила и принципи за инклузија на Декларацијата за правата на инвалидните лица на ООН чиј потписник државава е од 2011 година, особено Анкес 1 – Конвенција за дискриминација во областа на вработувањето и занимањето и домашните закони кои на граѓаните со биопсихолошка нецелост (инвалидност, попреченост, намалени способности,биопсихолошка нецелост се термини на едно исто) им ги гарантираат сите човекови права и посебни услови за нивно остварување во зависност од способностите со кои располагаат. Така и во нашето законодавство, почнувајќи од Уставот, е вклучен членот 4 точка 2 од Конвенцијата за дискриминација во областа на вработувањето и занимањето „Треба да се води сметка за посебните потреби на лицата во поглед на кои посебната заштита или помош е општо призната како неопходна поради полот, староста, инвалидноста, семејните обврски или социјалното или културно ниво.“ Во фирмите кои се членки на ЗАПОВИМ ова подразбира дека на еден вработен со различен степен биопсихолошка нецеловитост има еден вработен со биопсихолошка целост кој се грижи и за своите колеги и за производните процеси, работните активности што заеднички ги спроведуваат. Оттука, бројката на потенцијално невработени доколку се усвојат измените е 5.500 илјади.
Фото насловна : Unsplash+ In collaboration with Getty Images
