18 април, Светски ден на спомениците и археолошките локалитети – денеска бесплатен влез во музеите и локалитетите
Дали знаете што е Ритон, а што Римон?
Ритон е керамичка светилка што ја користеле жителите на селото Радобор во бронзеното време , кадилник што се користел во обредните дејствија на праисторискиот човек.
Римон пак е хебрејскиот назив за украсните држачи на свитокот кој го содржи Светото писмо на евреите – Тората што го користеле битолските Евреи во една од битолските синагоги од крајот на 19 век.
Дали знаете дека свештените лица кои долго патувале, поседувале ланче со дводелен приврзок што се отвора и во себе содржи светители и, кон крајот на денот или во раните утра, доколку немало црква во близина, го поставувале ланчето свртено кон исток, па тоа служело како минијатутен црковен иконостас за искажување на канонските молитви. Или, можеби само еден црковен великодостојник поседувал ваков „иконостас“ а е пронајден во Уметничката галерија Јени Џамија во Битола во средновековната црква датирана од 7-14 век.
Дознајте денеска во битолскиот Завод и Музеј. Влезот е бесплатен, а поводот-Денот на музеите.

Набројаните за пример и многу други големи и мали артефакти од различни епохи на човековиот живот во Пелагонија и Битола се дел од наодите од локалитетите длабоко сокриени од светот а мапирани во археолошката мапа на Македонија, изложени во постојната музејска поставка на Завод и Музеј во Битола. Националната установа Завод и Музеј од Битола, како и сите музеи и локалитети во државава и светот е отворени за јавноста ,на којашто по повод денешниот празник не и треба купена влезница. И тоа во текот на целиот работен ден, до 18.00 односно 19.00ч.

18 април се одбележува како Светски ден на музеите, кога сите музеи на светот се отворени за јавноста. Според ИКОМОС Меѓународниот совет за споменици и локалитети е професионално здружение кое работи на зачувување и заштита на местата со културно наследство ширум светот, денеска е Меѓународен ден на спомениците и локалитетите. Овогодишната глобална тема за Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите – 18 Април е „Наследството менува“ (“Heritage changes“), а ИКОМОС Македонија избра да се фокусира на важноста на традиционални начини на градба и истите да ги претстави како наратив за климатска адаптација и интервенции.

Во битолскиот музеј, на некои од изложените предмети ќе забележите QR код. (Фотографија погоре) Тоа е дел од зголемување на пристапноста до сознанијата за артефактите. Кога со смарт телефон се скенира, го води посетителот до соодветната веб локација. Целата музејска поставка е покриена со WiFi сигнал и бесплатен интернет, се тоа дел од веќе реализираниот проект Балканска музејска мрежа.

Според информацијата на Министерство за култура на Македонија денеска отворени ќе бидат вратите на националните установи, заводи и музеи во Битола, Штип, Охрид, Прилеп и Струмица, на Стоби и Хераклеа, Спомен куќата на Тоше, Археолошкиот музеј, Националната галерија со сите свои објекти, Музејот на современата уметност, Музејот на македонска борба, Историскиот музеј во Крушево, Уметничката галерија во Тетово, „Др Никола Незлобински“ во Струга, Музејот на Западна Македонија во НОВ, во Кичево, Музејот на Тетовскиот крај, музеите во Куманово, Гевгелија, Природно-научниот музеј, Музејот на Северна Македонија.
Фото насловна : постојана поставка на НУ Завод и Музеј Битола