April 25, 2024

Обраќање на градоначалникот Тони Коњановски на 26 седница на Совет


Обраќање на Градоначалникот Тони Коњановски на седницата на Советот на општина Битола, интегрален текст .


Пред почетокот на моето обраќање сакам да Ви се извинам за моето денешно доцнење на Седницата на Совет, но за да можеме да ги завршиме работните активности со посакуваната динамика, мораме да делуваме брзо и навремено, веднаш по завршувањето на законските постапки.
Токму утрово, заедно со изведувачот извршивме вовед во активностите со кои започнува првата фаза за адаптација на објект за ветеринарна заштита – прифатилиште за кучиња.
Вкупната вредност на склучениот договор изнесува 4.132.398,80, а изведувачот е должен сите работи предвидени во член 2 од овој Договор да ги заврши во рок од 40 работни дена од воведувањето во работа. Очекувам, рокот да биде запазен и до крајот на јуни оваа фаза да биде завршена и конечно да се создадат услови за решавање на проблемот со бездомните животни.
И морам да нагласам дека, ова не е некаква спроведена јавна набавка, туку токму оној дел од проектот кој беше поддржан од Советот и за кој се создадени услови за реализација, токму за да се реши проблемот со бездомните кучиња и граѓаните без вознемиреност да можат слободно да се движат низ улиците. Ова е потврда дека, локалната самоуправа, проектите не ги спроведува само врз основа на желба за одреден изглед, туку врз основа на документација која е реално изводлива на терен.
Во меѓувреме, избран е оператор кој продолжува со заловување и стручен третман на кучињата скитници и нерегистрирани кучиња на територијата на Општина Битола.
Покрај, реализацијата на проектот за надворешниот дел на прифатилиштето со кој започнавме денес, во делот на инфраструктурата, оваа градежна сезона, започнавме со реконструкција на водоводна, канализациона мрежа и коловоз на улицата „Зборска“, во должина од 200 метри со вкупна вредност од 6.569.281 денари.
Во тек се и активностите со кои треба да биде комплетирана првата фаза од партерното уредување кај Офицерски дом на површина од 2100 метри квадратни во вкупна вредност од 23.002.486 денари.
Работиме и на реализација на проектот „Реконструкција на тротоар кон постоечки коловоз на дел од ул.„Ѓурчин Наумов – Пљакот“ и улична мрежа на локален пат до с.Долно Оризари, односно пешачка патека с.Долно Оризари во должина од 1 километар и вкупна вредност од 6.391.299 денари, од кои 3.052.163 за улично осветлување и 3.339.135 за градежните работи.
Партерно се уредува површина од 425 м2 на улицата „Македонски гемиџии“, површина од 230 метри квадратни на улица „Булевар 1 ви Мај“, дел од улицата Вера Циривири Трена, а согласно склучениот договор, ќе продолжиме и со уредување на пешачки патеки и на други локации.
Се разбира еден од приоритетите е и уредувањето на просторот во Централното градско подрачје 3 дел Блок 10 и 16, за што постапуваме согласно законските процедури и донесените одлуки и доколку сите постапки бидат завршени во предвидениот рок, проектните инфраструктурни активности и тука ќе се реализираат оваа градежна сезона.
На улицата „16та“ завршена е постапката за експропријација, со што надминати се проблемите и ќе се пристапи кон реализација на склучениот договор за поставување на коловоз на 4 профили во должина од 460 метри во вкупна вредност од 5.182.571,92.
Во делот на инфраструктурата, за оваа градежна сезона, веќе имаме склучено договори и наскоро ќе имаме вовед во работа за комплетна реконструкција на улици во населба Недопирливи, реконструкција на водовод и канализација на улица Драгорска, започнуваме со следната фаза на улицата Солунска, каде исто така имаме реконструкција на канализациона мрежа, водовод и коловоз.
Склучени се договори и за реконструкција на крстосница на ул.„Прилепска“ со ул.„Батаљон Стив Наумов“ (Ветеринарна станица), изградба на капацитети во енергетиката Ул.„СТУ 1 Дел2. АРМ четврт1, а донесена е одлука за избор на изведувач за 10 улици во с.Егри во должина од 1400 метри, реконструкција на коловоз во село Лажец, изградба на улична мрежа во село Оптичари, изградба на коловоз на улица „СРУ 5“ во АРМ Четврт 1.
Оваа градежна сезона започнува и реконструкцијата на улицата Индустриска, а во постапка на избор на изведувач се проектите за реконструкција на улица „Стив Наумов“ во должина од 1300 метри, Реконструкција на локален пат с.Трново до граница на НП Пелистер, изведување на улично осветлување на ул „Студентска“ и проектот за изградба на паркинг простор и канализација за одводнување со пристап од улица Цане Василев и Кочани, како и за реконструкција на паркинг простор кај спортска сала „Боро Чурлевски“.
Во постапка на склучување е и договорот за изготвување на Студија за утврдување на состојбата на седум челични мостови на р. Драгор.
Во делот на изготвување на проектна документација, во тек се постапките за: Проектна документација за инфраструктура за 6 локации (наспроти селска автобуска, позади зграда „Кифла“, позафи зграда „Декорпод“, Овчи пазар и позади зграда „Хеликоптер“, реконструкција на улици во село Карамани – фаза коловоз со должина 2021 метар, реконструкција на улици во село Бистрица во должина од 900 метри, реконструкција на улица Христо Ботев во должина од 500 метри, уредување и регулирање на дел од отворен канал с.Логоварди, реконструкција на локален пат за село Змирнево, реконструкција на пристапна улица до училиште во с.Меџитлија во должина од 400м.
Проектна документација се изготвува за: Реконструкција на улица Нико Фундали Реконструкција на кров на спортска сала во с. Бистрица, Реконструкција на улица Димитар Тодоровски, улица Влатко Миленковски и Гаврило Принцип, Панде Кајзеро, улици во с. Д. Оризари со должина од 1400 м Фаза 2, ул. Леринска, улиците „150“, „170“ и „210“, а донесена е одлука за избор и за подготовка на проекти за Реконструкција на ул. Д.И.Муратот од пресек со Широк Сокак до ул.Ленинова, ул. 11ти Март, Панде Николов, Козара, Димитрие Туцовиќ.
Во првиот квартал од оваа година, имаме и доста зголемена работа на одделението за спроведување на урбанистички планови, при што издадени се 457 изводи од план и 140 уверенија за во/вон градежен реон, завршени се 20 предмети за издавање на одобрение за градење, завршени се 420 постапки за спроведување во АКН и издадени се 13 решенија за општина Битола за инфраструктурни градби.
Покрај активностите кои се спроведуваат во делот на инфраструктурата, дел од Вас веќе беа присутни на состанокот со координативното тело за изготвување на генералниот урбанистички план, на кој се работи согласно законски предвидените рокови.
Во делот на процесот за дигитализација, сакам да истакнам дека во напредна фаза на реализација е проектот за интегриран ГИС систем и систем за електронски постапки, со чие целосно спроведување општина Битола ќе биде единствена голема општина во државата која ќе ги има и двата системи, што ќе даде можност за дигитализација на општинските услуги. Тука сакам да појаснам, дека овие професионални системи се софистициран пристап кон воведување на дигитални услуги, за разлика од Проектот мЗаедница, за кој одлучивме да дадеме годишна поддршка од 30.000 денари, на предлог на една советничка група. Но, по неуспешниот обид за спроведување на постапката за субвенционирање преку споменатата апликација, општина Битола, веднаш го раскина склучениот договор за мЗаедница.
Во овој четиримесечен период, покрај што работевме на се што е претходно образложено, реализиравме и други проекти и активности:

  • Од вчера, согласно објавениот јавен повик, работно се ангажирани 15 лица за средување на зелените и јавни површини во градот и руралните средини, средување на речното корито на реката Драгор, средување на Золошката градина, помош при други градежни зафати во делот на инфраструктурата и одржување на комуналниот ред.
  • Ангажирани се 15 невработени лица со средно образование кои вршат доставување на решенија и покани за данок на имот до граѓаните.
  • Ангажирани се 6 тутори и 1 консултант за поддршка на ученици Роми, а со туторска поддршка опфатени се 70 деца
  • Заедно со нашите партнери во проектот Баир, објавивме повик за реновирање на домаќинства на ромското население во населба БАИР, каде од доставените 50, одобрени се 26 апликации
  • Објавивме јавен повик за поддршка на проекти и програмски активности на граѓански организации и фондации, во кој годинава се става посебен акцент на еднаквите можности на мажите и жените, а ги објавивме и дел од одлуките на комисијата за програмски активности за повикот за настани од културата.
  • Објавивме и јавен повик за идејно решение кое ќе произлезе од граѓаните и кога ќе дојде периодот за новогодишно украсување, градот ќе може да блесне онака како што избрале битолчани, се разбира во предвидениот буџет за таа намена
  • Во тек е јавниот повик за искористување на средства за адаптација, изградба или поставување на инфраструктура и опрема за физичка пристапност
  • Конституиран е новиот состав на Советот за волонтерство
  • Реализираме активности со Советот за превенција
  • Локалниот економско социјален совет работи на изготвување на Стратегијата за локален економски развој, како и на реализација на други активности меѓу кои е и повикот кој го објавивме заедно со универзитетот за универзитетска летна пракса со кој 40 студенти од битолскиот универзитет ќе добијат можност за збогатување на практичните вештини, а за првпат како вмрежување на 7 субјекти, организираме и заднички настан, ориентиран пред се кон младите и понудата и побарувачката на пазарот на трудот.
  • Работиме на изготвување на Стратегија за млади
  • Објавивме јавен повик за прибирање понуди за финансиска поддршка на програми и проекти на Советите на Општина Битола и тоа:
  • Совет за превенција на детско престапништво,
  • Совет за социјална заштита,
  • Совет за превенција,
  • Локален волонтерски совет,
  • Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и
  • Совет за заштита на потрошувачи.
    Со јавните претпријатија, ја започнавме акцијата „СИТЕ ЗА ПОЧИСТА И ПОЗЕЛЕНА БИТОЛА“, а работните активности се во тек и кај Новиот парк во Нова Битола.
    Очекувам дека во делот на заштитата на животната средина, почитувани советници, од Вас ќе ја добијам поддршката на следната седница на Советот, кога преку Вашето усвојување на ребалансот на буџетот, заедно ќе овозможиме субвенционирање за сите апликанти кои поднесле комплетна документација, а ќе придонесеме и за целосна и непречена реализација на сите проектните активности кои се во тек.
    Вашата поддршка на ребалансот на буџетот е важна за понатамошната реализацијата на инфраструктурните проекти, за културните и спортските активности и сите други проекти кои се дел од општинските програми, а на кои администрацијата работи со голема посветеност, што објективно се гледа и од претходно образложеното.
    Очекувам дека, Вашите одлуки, денес и на следната седница на Совет, како и на сите наредни, ќе бидат во интерес на Битола и битолчани, токму онака како што и јас, заедно со општинската администрација, работиме во досегашниот период, зошто не смееме да заборавиме, дека сите сме тука за да направиме повеќе за нашиот град, јас и вие како избраници на граѓаните, а заедно со вработените во општината и како сервис на граѓаните.
    На крај, Ви се извинувам што денес, нема да можам веднаш да Ви одговорам на советнички прашања, доколку има, поради веќе закажани неодложни обврски, но, сите прашања ќе бидат евидентирани од страна на службите и одговорите ќе бидат навремено доставени до советниците.

1026