April 20, 2024

Идната недела ќе започне реконструкција на паркингот пред спортската сала во Битола

Според програмата за развојни планови, Општина Битола за оваа година има предвидено реконструкција на паркинг просторот кај спортската сала. Избраниот изведувач , Друштво за производство, трговија и услуги ЗИМАК Стретен ДООЕЛ Битола, има 100 дена од воведувањето во проектот да го реализира проектот кој според информациите од Општина Битола е инвестиција во висина од 18.301.800 денари. Проектот вклучува реконструкција на атмосферска канализација, коловоз и електроника, односно соодветно осветлување на просторот и е дел од инвестициите кои Општината ги планира за реконструкција на инфраструктурата во и околу постојната спортска сала „Боро Чурлевски“.


„За периодот кој следува можам да најавам поплочување на платото пред спортската сала, санирање на скалниците, како и соблекувалните, помошните простории и холовите.“- вели градоначалникот д-р Тони Коњановски.
Вниманието и на битолчани и на сите в Општина е насочено кон најавата за изградба на нов спортски комплекс кој ќе има сосема нова спортска сала по европски стандарди.


„ Во насока на подобрување на условите за напредок на спортот е и капиталниот проект, за кој како општина активно се залагаме, а се однесува на изградбата на модерен спортски комплекс.“ -вели градоначалникот, додавајќи : „За овој проект, веќе објавивме конкурс за идејно решение и врз основа на добиените решенија, започнуваме со постапка за изработка на основен проект со соодветно избрана локација. Станува збор за голема инвестиција за која неопходна е поддршка од централната власт, имајќи предвид дека во Македонија нема општина, која сама со сопствениот буџет, реализирала толкав голем проект. Битола е горда на големиот успех на Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер, кој после 18 години ја враќа шампионската титула онаму каде што и реално припаѓа, во нашиот град. Тоа е силен мотив за сите нас, да го направиме она што го заслужуваат нашите ракометари, ракометни фанови, битолчани. Затоа, очекувам и Владата, да ги следи спортските резултати на Битола и да даде соодветна финансиска поддршка, за да може спортска Битола, да добие спортски комплекс каков што навистина заслужува.“


1206