March 29, 2024

Општина Битола дел од проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“

Општина Битола е една од шесте општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион, кои ќе работат на одржливо управување со отпадот, проект финансиран од СИДА (Шведската агенција за меѓународна развојна соработка), а имплементиран од Шведската асоцијација на локални власти и региони (САЛАР) и нејзината подружница САЛАР Интернационал.

За таа цел, во рамките на проектот денес, на Светскиот ден на животната средина, беше одржана воведната конференција, на која беше потенцирано дека, проектот е насочен кон поодржливи јавни услуги, подобрена усогласеност со законодавството на ЕУ и поголема одговорност за животна средина меѓу граѓаните. Проектот ќе помогне да се зајакне локалната демократија преку подобрување на административниот капацитет и учеството на јавноста како и решавање на аспектите на родовите и човековите права поврзани со управувањето со отпадот.

Како дел од овој проект, општина Битола, до 2025 година, во соработка со ЈП Комуналец како приоритети се обврзува да ги спроведе следните активности:

  • Обезбедување на услуги (собирање и транспорт на отпад) на што е можно повеќе корисници и тоа подобрено собирање и транспорт на отпадот преку планирање
  • Зголемен возен парк и број на канти/контејнери
  • Обезбедување на обука за вработени во комуналните претпријатија кои работат на терен
  • Подигнување на јавната свест и мотивирање на населението за придобивките од селекција на отпадот
  • Намалување на количините органски отпад кои завршуваат на депонија
  • Активно учество во изградбата на депонија согласно стандардите на ЕУ
  • Мапирање на општинските ѓубришта со изработка на приоритетна листа на ѓубришта и проценка на трошоците за активностите како и вклучување во општинските буџети

Покрај овие активности, општина Битола е во постапка на реализација и изработка на повеќе проекти за заштита на животната средина, меѓу кои се и проектите: изградба на мал колекторски систем во НП Пелистер кој треба да се реализира со финансиска поддршка од Бирото за регионален развој, како и проектот кој е во завршна фаза на евалуација, а се однесува на „Изградба на пречистителна станица и реконструкција и надградба на канализационата мрежа во Општина Битола”, со кој Битола треба да добие пречистителна станица со која е предвидено собирање и третирање на отпадните води во градот и околината.

Извор: Општина Битола


1016