Дел од 160 члената адвокатска заедница во Битола денеска го одбележа својот професионален Ден на адвокатурата
Традиционално, 43 години битолските адвокати полагаат свежо свеќе на спомен бистите на Никола Тодоровски-Коле Канински и Јосиф Христовски – Ѕвончаро. Во 1980 година пред зградата на тогаш Окружниот суд во Битола (денес Апелациски суд) свечено беа поставени бисти на адвокатските приправници и учесници во НОБ, Никола Тодоровски-Коле Канински и Јосиф Христовски – Ѕвончаро. Нивното поставување по иницијатива на Сотир Главинче, тогашен претседател на Адвокатската комора на Македонија церемонијално го означи Илија Топаловски, првоборец и тогашен амбасадор на Југославија во Јапонија.

За одбележувањето на Денот на Адвокатурата и значењето на Коле Канински и Јосиф Хирстовски- Ѕвончаро, адвокатот Никола Главинче вели : Правничката професија, а со тоа и адвокатурата била присутна и привлекувала внимание и за значајни личности учесници во Народно – ослободителната војна и прогресивното движење за ослободување на Македонија. Нивниот херојски подвиг и активност резултирале со подарување на животот за Македонија и неможност истиот да го посветат на адвокатурата.“.
Но, сепак го оставиле својот белег.

Најзначајна личност која работела како адвокатски приправник во тој период е Никола Тодоровски – Коле Канински (1914г., с.Канино).„ По завршувањето на гимназијата (1933г.), школувањето го продолжил на Правниот факултет во Белград каде завршил во 1938г. Уште за време на студирањето Канински станува член на КПЈ во партиската студентска келија на Правниот факултет во Белград во 1936г. По враќањето во Битола, кратко работи како адвокатски приправник кај адвокатот Војислав Протиќ. Задачата на Канински била да ги врши работите од адвокатската професија, собирање податоци и други материјали нужни за правното застапување, проучување на законите и други правни работи. Нешто подоцна се вработил кај битолскиот адвокат Александар Костиќ (Костов) – Кандилото, кај кого работел до доаѓањето на бугарската окупаторска власт. Во 1944г., од командант на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ станува политички комесар на Првата македонска народноослободителна ударна бригада . На 22 јули 1944г., Канински загина во с.Буринец заедно со бригадниот лекар д-р Трифун Пановски, Иван Чанковски, командант на придружната чета и Наум Божиновски, политички командир на истата чета.
Јосиф Христовски – Ѕвончарот (1914г., Битола), бил студент на Правниот факултет во Белград и учесник во НОБ. Заедно со Стеван Наумов – Стив, Елпида Караманди и Таки Даскало е еден од четирите студенти од Битола, кои загинаа во 1942г. Основно учлишите и Гимназија завршил во Битола. Во 1938г., се вратил од Белград од факултетот и се вработил во Битола, заради помош и подготовка на револуционерното движење, Факултетот продолжил да го студира вонредно. Се вработил во автоматската мелница „Драгор“. Бил иницијатор и секретар на месниот комитет на партијата. Како работник, кој дејствувал надвор од правото, ги организирал работниците на штрајкови, за што бил назначен како организатор. Во 1940г., бил упасен како сомнителна личност и протеран во концентрациониот логор Билеќа во Босна и Херцеговина. Истата година бил осуден во Белград од судот за заштита на државата на пет години робија,заради што бил упатен на издржување на казната во затворот во Сремска Митровица. Во затворот останал до август 1941г., кога политичките затвореници успеаа да побегнат и преминат во партизани. Но при неговото преминување од Србија во Македонија, загинал кон крајот на 1942г., во борба со окупаторот .
Од денешна призма на политичните збиднувања, значајно е тоа што, тие не прифатиле да се регистрираат во официјалните именици на бугарскиот окупатор и да се заколнат дека ќе ги почитуваат тогаш важечките закони.

Адвокатот Никола Главинче уште потенцира дека во списокот на адвокати запишани во адвокатскиот именик од 1945 и 1946 година, од вкупно 38 адвокати во Македонија, десетмина се адвокати од Битола.„ Тоа значи дека една четвртина од вкупниот број на адвокати во државава биле адвокати во Битола. Таквата констатација ја потврдува тезата дека во Битола континуирано имало интерес за адвокатурата. “.
Во листата први адвокатски имиња кои авторите на монографијата „Адвокатурата и адвокатите во Битола“ можеле да ги лоцираат и анализираат се Андон Димитров (1868-1933), завршил правен факултет во Цариград, а се усовршувал во Брисел. Работел како адвокат во Битола од 1901 до 1903, во 1904 бил назначен претседател на Апелацискиот суд, а од 1909 до 1912 бил судија во Цариград. Листата продолжува со Дијамандија Мишајков ( 1871-1953) кој дипломирал во Белград, работел како адвокат во Битола, а потоа се посветил на општествено-политички живот за независна Македонија. Панче Дорев, Александар Радевски, Мета Константин од с. Маловиште, Атанасеску Николае од с.Трново,Михаил Папазоглу, Јанко Цаца… го поплочале патот на адвокатурата во Битола. По ослободувањето , продолжиле да работат како адвокати и дел од оние кои се адвокатура се занимавале и пред Втората светска војна , адвокатите Јован Алтипармаков, Димитар Поп Димитров, Атанас Сотировски, Ѓеорѓи Милев, Филип Николоски, а од 1946 година продолжиле Никола ( Марковиќ) Добрушевски и Сотир Момев….

Никулците на битолската, а со тоа и македонската адвокатура, се бележат во древната Хераклеа Линкестис. Видливиот археолошки материјален доказ е исправен во Портикот на судницата во Хераклеја, но има и неколку други артефакти кои укажуваат на начините на толкување и заштита на правото. Според времето и односите меѓу луѓето, така и правото односно помагањето да се стигне до правда имало свои позитивни и негативни моменти. Значаен за регулирање на адвокатурата е Османлискиот период. „Во 1876 година е донесена Уредба за вршење на подрачјето ОД цариград, која со министерска одлука во 1880 година почнала да важи и на поранешниот Санџак и денешна Македонија“ – пишува во капиталното дело за историјата, развојот на адвокатурата во Битола од Сотир Главинче и Никола Главинче, насловено „Адвокатурата и адвокатите во Битола“ објавена во 2011 година.
Извор: фотографи и цитати од монографијата „Адвокатурата и адвокатите во Битола“, сопственост на сем. Главинче