Ребалансот на општинскиот буџет како список на желби
Или,
Битола во моментот има фиктивен Буџет, а работата на Општината е блокирана.
„Усвоениот фиктивен ребаланс на буџетот кој потенцирам е незаконски, нема да се реализира, а со тоа нема да може да се реализира, ниту она што го предлагав јас, како предлагач на доставениот ребалансот на буџетот до советниците, 20 дена пред седницата“.
Ова е денешната констатација на администрацијата на Општина Битола пренесена од градоначалникот д-р Тони Коњановски на прес конференција одржана по 29 седница на Советот на општина Битола на која советниците расправаа зошто предлог ребалансот на градоначалникот не е прифатлив ,кои се нивните предлози за трошење на парите од граѓаните и зошто тие се според потребите на граѓаните па се прифатливи.

Иако 15 часовната седница на моменти наликуваше на , како што рече советникот Чулаковски „ќе пропаднат проектите кои некој си ги има во главата“, заедно со обвинувањата од советниците на СДСМ дека ребалансот е „направен од 2-3 луѓе“ во Општината и парите не се совесно распоредени, советниците си ги усвоија сите свои дадени предлози / амандмани кои треба да бидат преточени во проекти и за кои треба да бидат пронајдени пари во буџетот за 2023 година што е во висина од 943.439.950 денари. Попусти беа, а до одреден момент и крајно нејасни, повиците на советниците од ВМРО-ДПМНЕ да се заборави на партиската припадност ( и изборните програми кои ги имаа сите партиципиенти во Советот) и да се гласа за продолжување на започнатите проекти, затоа што тоа е во интерес на граѓаните. А попусти беа и потсетувањата дека Буџетот се базира на форумските граѓански сесии кадешто се определија дел од приоритетите.

Во оваа насока беше и предупредувањето дадено од градоначалникот Коњановски на почетокот на седницата, дека, иако во рокот предвиден за предлози од советниците за подобрување на буџетот, ниту еден не доставил свои амандмани. Па така , денеска соопшти:„ Советот изгласа ребаланс на буџетот на кој самиот е предлагач и ја надминува законската рамка за 116.000.000 денари, поради што истиот нема да биде вчитан и одобрен од Министерството за финансии, а со тоа ништо од амандманите кои ги усвоија нема да може да се реализира. Веројатно, знаејќи го тоа, а сакајќи да покажат неспособност на градоначалникот и општинската администрација, не го испочитуваа ниту Законот за финансирање на единиците за локална самоуправа, каде јасно е наведено дека, општината може да го надмине максимално утврдениот износ доколку обезбеди потврда за трансфер на средства од соодветна институција или во случај на промени кои се однесуваат на видот и висината на сопствените приходи на основниот буџет.“

За разлика од сите други градоначалници досега, Коњановски дозволува советниците на седница да прават промени на предложениот буџет, во случајов ребаланс, иако за општинската администрација тоа претставува дополнително ангажирање. Тоа се случуваше и на ланската седница за донесување на Буџетот за 2023 година. Годинава, за ребалансот, ги замоли советниците со поднесените амандмани да посочат кој проект не треба да се реализира или прекине.
„Знам дека денес, може да поднесете и 100 амандмани. Битола сеуште има многу проблеми за решавање. Но, граѓаните не смеат да бидат залажувани. „Секој Ваш предлог ќе биде прифатен од моја страна, доколку: точно наведете кој проект да не се реализира за сметка на проектот кој ќе го предложите. “- им рече Коњановски.

Во реалната дискусија за предложениот ребаланс на 29 седница на Советот спорни беа средствата за изградба на стационарот за бездомни животни – кои со ребалансот треба да се наменат за професионалните спортски клубови, а истовремено потребно беше и распоредување на средствата од владината програма за користење на фосилни горива и трансферите кои доспеале по основ на персонален данок или други слични основи, што се заедно е сума од околу 70ина милиони денари.
Проекти заради кои се прави ребалансот:
-Финансиска поддршка за понатамошно функционирање на професионалните спортски клубови, вклучувајќи и завршување на реконструкцијата на Спортската сала „Боро Чурлевски“ по европски стандарди за претстојната Лига на шампиони, како и поддршка на спортски здруженија и индивидуални спортки иницијативи
-Дополнителни средства за заловување на кучињата скитници
-Дополнителни средства за сувенционирање на сите апликанти на јавниот повик за клима уреди
-Функционирање на Регионален советодавен центар за жртвите на семејно и родово базирано насилство
-Сместување на бездомните лица
-Набавка на опрема за јавна хигиена
-Реновирање на Копанки
-Студентски парк и реквизити за Новиот парк во Нова Битола
-Завршување на улицата Драгорска и отпочнување на улици во Долно и Горно Оризари
Дел од усвоените 23 амандмани предложени од сите советнички групи:
-Бесплатна градинка за сите дечиња во Битола
-Нови спортски терени во ОУ Елпида Караманди
-Финансиска поддршка за Пелистер Волеј
-Фекална канализација за улица Довлеџик
-Реконструкција на Јужната трибина на стадионот
-Тартан патека за трчање
-Урбанистички планови за старата чаршија и широк сокак
-Пат до манастирот Св. 40 Маченици
-Уредување на површините каде беа отстранети гаражите и времените објекти
-Поддршка за Пелистер 15 Мај велосипедски клуб
-Поддршка за женските спортски клубови, ЖРК Пелистер, Топ Гол и Атлетико ,и други
Активен е предлогот да се направат работни групи кои не само што ќе ги разработат предлозите за амандманите според законските норми, туку и временската рамка во која предлагачите замислиле дека треба да се реализираат.
А тогаш повторно ќе треба да има седница на која ќе се расправа за ребаланс на буџетот за 2023 година.