April 16, 2024

Метео предупредување и мерки за заштита од топлотен бран

Според информациите на Управата за хидрометереолошки работи, под влијание на топол бран следува период на стабилно и многу топло време со дневни температури во поголемиот дел од земјава над 35 степени, а утринските во Скопје и во јужните делови нема да се спуштаат под 20 степени. Особено топло утре ќе биде во целава земја, а во петок само во јужните делови кога наместа температурата ќе надмине 40 степени и ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури.
Оттука, во периодот од утре 13 јули до 16 јули сите региони во државата: скопскиот, осоговско-малешевскиот, пелагонискиот и охридско-преспанскиот ќе влезат во т.н портокалова фаза на опасност од топлотен бран.

Поради тоа, почнувајќи од утре, 13 јули 2023 година (четврток) почнуваат да важат препораките за намалување на ризиците од високите температури:

-Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години;
-Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
-Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници, a
-Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Согласно добиените информации, Владата одлучи:

-Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките;
-Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
-Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници;
-Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот.
-Владата одлучи овие мерки да бидат со времетраење од четири дена, од 13 – 16 јули, односно во текот на следните два работни дена, четврток и петок, како и за двата дена од претстојниот викенд, сабота и недела, до натамошно одлучување.


1084