April 16, 2024

Од септември целосно блокирано и судството?

Судската администрација во државава денеска најави дека во септември ќе започне генерален штрајк.


Бараат покачување на платите за 30% и додатоци на платите за 15% кои Владата не им ги одобрува.

Ваквото барање, поаѓајќи од независниот карактер на работата на судската власт, со одлука им го одобри Судскиот совет на РМ, но финалниот збор го има Министерството за финансии.


Ова беше причина за денешниот предупредувачки штрајк на судската администрација од скопскиот киривичен суд во организација на независниот синдикат на администрацијата во судовите.
„Ние не се согласуваме со покачување на плата од 10 % што Владата и Сојузот на синдикати го договорија. Не се согласуваме ни со К-15 во висина од десет илјади денари, а револтирачки е што од нашите средства доделени од Судскиот совет, 15 % на плата, вчера министерот за финансии ги одби“рече Јасмина Величкова, претседателка на Независниот синдикат на судската администрација денеска за медиумите.

Фото: од средбата во Судски совет, сопственост sud.mk

Со централен транспарент „Европски плати за вас и за нас“ судската администрација бара да им се вратат додатоците на плата укинати со истиот член, кој им овозможи зголемување на платите на избраните и именуваните лица од 78 %, бараат нов закон за независен судски буџет и нов закон за судска служба, а не се согласуваат ниту к15 за нив да изнесува 10.000 денари. Според Величкова, само за 7 месеци од Кривичниот суд во Скопје во Буџетот на РМ се внесени околу 100.000,000 денари ( наплатени паушали, такси и уверенија за неосодуваност и забрана на дејност, правосилни одлуки за парични казни кои се испраќаат на сметка на Буџетот на РМ). Оттука, веруваат дека државата има пари да им ги покаче платите.

На итна седница која вчера ја одржа Буџетскиот совет на Судскиот совет, на службениците од судската администрација им беше пренесена информацијата од Министерството за финансии дека „ од буџетот на судската власт нема фискален простор за исплата на додатоци на плата за месец јуни, со објаснување дека согласно прописите од буџетското работење не треба да се преземаат обврски над лимитот од одобрените средства со буџетот.“

Фото насловна: од денешниот протест; извор: независен синдикат; сопственост: Глас на Америка


1083