Црквата Успение на Пресвета Богородица во с. Скребатно – на празникот ја посетуваат до 5000 луѓе

Успение на Пресвета Богородица е главна манастирска црква на Скребатинскиот манастир во охридското село Скребатно. Се наоѓа на влезот во познатиот Скребатински манастир, сместен високо над селото Скребатно.



Според градбата и остатокот од фрески во Олтарот, се верува дека Црквата е изградена во 16 век, во времето на монахот Кипријан, од Слепченскиот манастир.
Легендата кажува дека селаните сакала да ја изградат црквата подолу, односно во близина на селото. Но, трипати, започнувале да ја ѕидаат црквата, а трипати некој навечер уривал и ги фрлал алатите повисоко. Се до местото кадешто денеска се наоѓа обновента црква.
Таа е дел од Скребатинскиот манастир и е дел од објектите кои му припаѓаат, заедно со огромна одржувана ливата, чешма и простор погоден за одмор и рекреација.




Инаку, секоја година на денешен ден се одбележува големиот празник посветен на Успението на мајката Богородица – Голема Богородица. Традицијата налага општонароден собир на празникот Голема Богородица, кога се собираат и повеќе од 5.000 гости од земјата и од странство. За време на собирот се организираат два настани, лицитација на црковниот бајрак и ордија (заеднички ручек).

Церемонијата за Лицитација на бајрак започнува со кревање на црковните бајраци и икони, со кои се врши обиколување на црквата. На чело на поворката е свештеникот, а по него одат носителите на бајраците и иконите. Откако ќе се завртат три круга, поворката запира во црковниот двор, каде што започнува лицитацијата. Право на учество имаат сите на собирот. На крајот, оној што ќе даде најмногу станува кум и сопственик на бајракот до следниот празник.
На празникот Голема Богородица се готви заеднички ручек – ордија , во десетина казани.
Сето ова е долгогодишна традиција, зад која стои приказната дека некогаш некој овчар заедно со своето стадо бил зафатен од големо невреме. Од невремето бил спасен така што се молел на Богородица и ветил дека секоја година ќе дарува по 3 овци. Така, на овој ден се дели благословен ручек на ливадата до црквата. Ручекот се послужува во земјени чинии и дрвени лажици.
