April 25, 2024

Нобеловата за хемија во рацете на научници кои ја креираат нанотехнологијата

Кралската шведска академија на науките одлучи да ја додели Нобеловата награда за хемија за 2023 година на Мунги Г. Бавенди од Институт за технологија во Масачусетс (МИТ), Кембриџ, МА, САД, Луис Е. Брус од Универзитетот Колумбија, Њујорк, Њујорк, САД и Алексеј И. Екимов од Технолошкиот институт за нанотехнилогија Њујорк, Њујорк, САД, „за откривање и синтеза на квантни точки“

Тие засадија важно семе за нанотехнологијата


Нобеловата награда за хемија 2023 година го наградува откривањето и развојот на квантни точки, наночестички толку мали што нивната големина ги одредува нивните својства. Овие најмали компоненти на нанотехнологијата сега ја шират својата светлина од телевизорите и LED светилките, а можат да ги водат и хирурзите кога го отстрануваат туморското ткиво, меѓу многу други работи.

Секој што студира хемија учи дека својствата на елементот се регулирани од тоа колку електрони има. Меѓутоа, кога материјата се намалува до нанодимензиони, се јавуваат квантни феномени; овие се регулирани од големината на материјата. Нобеловците за хемија 2023 година успеаја да произведат честички толку мали што нивните својства се одредуваат со квантни феномени. Честичките, кои се нарекуваат квантни точки, сега се од големо значење во нанотехнологијата.

„Квантните точки имаат многу фасцинантни и необични својства. Важно е дека тие имаат различни бои во зависност од нивната големина“, вели Јохан Аквист, претседател на Нобеловиот комитет за хемија.

Физичарите долго време знаеја дека теоретски квантните ефекти зависни од големината може да се појават кај наночестичките, но во тоа време беше речиси невозможно да се извајаат во нанодимензии. Затоа, малкумина веруваа дека ова знаење ќе биде практично искористено.

Сепак, во раните 1980-ти, Алексеј Екимов успеа да создаде квантни ефекти зависни од големината во обоено стакло. Бојата доаѓа од наночестичките на бакар хлорид и Екимов покажа дека големината на честичките влијае на бојата на стаклото преку квантни ефекти.

Неколку години подоцна, Луис Брус беше првиот научник во светот кој ги докажа квантните ефекти зависни од големината на честичките кои слободно лебдат во течност.

Во 1993 година, Мунди Бавенди направи револуција во хемиското производство на квантни точки, што резултираше со речиси совршени честички. Овој висок квалитет беше неопходен за тие да се користат во апликациите.

Квантните точки сега ги осветлуваат компјутерските монитори и телевизиските екрани базирани на QLED технологијата. Тие исто така додаваат нијанси на светлината на некои LED светилки, а биохемичарите и лекарите ги користат за мапирање на биолошкото ткиво.

Квантните точки на тој начин му носат најголема корист на човештвото. Истражувачите веруваат дека во иднина би можеле да придонесат за флексибилна електроника, ситни сензори, потенки соларни ќелии и шифрирана квантна комуникација – затоа штотуку почнавме да го истражуваме потенцијалот на овие ситни честички.

Денеска ќе биде објавен добитникот за книжевност и литература.

Извор: https://www.nobelprize.org/prizes/chemistry/2023/press-release/


1098