Изложба на фотографии „Фото колонија Пелагонија“

Вечерва во фоајето на НУ Центар за култура – Битола беше отворена изложбата „Фото колонија Пелагонија“. Изложбата претставува завршна активност од истоимениот проект кој го спроведуваше Центарот за европски развој и интеграции од Битола во периодот мај – ноември 2023 година.

Публиката имаше можност да види 25 фотографии на објектите од културно значење за Пелагонискиот регион кои ги направија 18 фотографи учесници на проектот. Овие фотогафии во еден дел се резултат на искуството кое фотографите го стекнаа преку дводневната работилница која се реализираше во месец јуни, а на која ментори беа проф. Роберт Јанкулоски и Далибор Митковски . Покрај креативната и едукативната компонента на проектот тој има и архивистичка функција зошто една од неговите цели е и создавање на фотогафска архива на објектите од културно значење за Пелагонискиот регион . Главен финансиер на проектoт е Министерството за култура на Република Северна Македонија а проектот е поддржан од Општина Битола , нашиот патнер НУ Центар за култура Битола и БВ бизнис груп.



