April 16, 2024

ОУ „Коле Канински“ отвори ресурсни простории за деца со попреченост и атипичен развој

Во основното училиште „Коле Канински“ во Битола, денес, беа отворени две ресурсни простории, со кои се создаваат услови за советувалишна и стимулациона работа на стручниот тим со учениците кои се соочуваат со одредени попречености и атипичен развој. Проектот се реализира, како резултат на соработката на Општина Битола со ЗЕЛС, со поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ.

Учениците подготвија пригодна програма, „Сите сме посебни, секој на свој начин и такви сме 365 дена во годината“ порачаа низ рецитал.

Дијана Тодевска Ристевска , директорка на ова училиште изрази голема благодарност до сите чинители во реализацијата на проектот. „Денес пред вас стоиме со посебна гордост , пред отворањето на две катчиња за индивидуална поддршка на учениците со атипичен развој и потешкотии кои ќе служат како платформа за развој и инклузивно образование на учениците со попреченност. Ќе бидат место на инспирација кадешто секој ученик ќе има можност за различно и успешно учење. “

За значењето на проектот, на денешниот настан, говореше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски:


„Еднаквите можности за сите нас се меѓу носечките принципи, врз кои треба да се темели работењето во секоја институција, особено, онаму каде станува збор за воспитно – образовен процес на деца. Тоа е вистинскиот начин за секој да биде мотивиран, да го даде најдоброто од себе, да придонесе за заедницата, во која независно од своите потешкотии, ќе може успешно да учи и создава. Денешниот настан: „Сите зрачиме на различен начин“, кој се организира по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, покажува дека, само низ континуирана работа можеме да постигнеме успех. Денес се отвораат две катчиња за работа со деца со атипичен развој и деца со потешкотии, кои ќе бидат од огромно значење и за стручниот и наставниот кадар на училиштето од аспект на зголемување на нивните капацитети за работа со овие ученици. “


Овие катчиња, односно ресурсни простории, се поддржани од Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ во рамките на регионалниот проект „Социјална инклузија на ранливите групи во Западен Балкан“ во соработка со општина Битола и ЗЕЛС, а во нив треба да бидат ангажирани специјлен едукатор, логопед, психолог, педагог и образовни асистенти.


Во ООУ „Коле Канински“ настава посетуваат вкупно 788 ученици, од кои 11 ученици се ученици кои имаат МКФ проценка како и 25 ученици со одредени други потешкотии, но кои немаат МКФ проценка.


Општина Битола, со поддршка од страна на Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ во рамки на проектот „Инклузивни општини преку квалитетно образование“, наскоро планира отворање на сензорна соба во основното училиште „Даме Груев“ во Битола.

Извор: дгк, Општина Битола, автор фотографии – Ивона


1082