March 2, 2024

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги потсетува сопствениците на медиуми во земјава дека имаат обврска на своите вработени до крајот на оваа година да им исплатат регрес за годишен одмор (К-15). Во исто време ССНМ ги мотивира своите членови и сите вработени во своите медиуми да го иницираат прашањето во текот на следните денови.

Оваа обврска на работодавците произлегува од колективниот договор за приватниот сектор и годинава изнесува минимум 13.672 денари, а за вработените во јавниот сектор според општиот колективен договор меѓу Владата и Сојузот на синдикати на Македонија од оваа година изнесува минимум 10.000 денари.

Регресот за годишен одмор им следува на сите вработени кои работеле најмалку шест месеци во календарската година што изминува кај еден работодавач, а доколку не се исплати, работодавците може да добијат сериозна казна. Законодавецот предвидува казна во висина до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа. Во исто време законот предвидува и казна затвор од една година за работодавците кои ќе исплатат регрес, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им го вратат.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници апелира до новинарите и медиумските работници да се информираат со случувањата во врска со регресот за годишен одмор во нивната фирма и во случај да наидат на проблеми да го контактираат ССНМ или Државниот инспекторат за труд кој врши надзор над спроведување на процесот на исплата на регрес, по пристигната пријава или самоиницијативно по случаен избор.


1097