March 2, 2024

Коњановски: Сведоци сме дека, се менуваат и подобруваат условите во општина Битола

Градоначалникот на Битола д-р Тони Коњановски , во присуство на раководни лица од општинстака администрација денеска одржа прес конференција на која го понуди својот отчет за работата во изминатите две години – информација за јавноста за реализираните проекти, меѓуинституционалната соработка, одлуките од Советот на Општина Битола.

„Од она што е содржано во оваа публикација на Општина Битола од 116 страници, која ќе биде достапна и во печатена и во електронска форма, накратко ќе го сумирам следното:

Се гради и реконструира патната инфраструктура, се уредуваат јавните површини, се реализираат нови проекти кои ќе донесат подобри услови во урбаниот и руралниот дел на општината, можности за спортски напредок, одмор и рекреација, културно забавен живот, но и ќе ги решат проблемите со кучињата скитници, проблемите со недостигот на капацитети во детските градинки и ќе ги намалат причините за иселување на младите од Битола.
Во досегашниот период, го реализиравме следното:

  • Извршивме изградба, реконструкција и рехабилитација на коловоз во урбаниот и руралниот дел во должина над 20 километри, а активностите продолжуваат се додека временските услови го дозволуваат тоа
  • Извршивме реконструкција на постоечката и изведба на нова водоводна мрежа
  • Реконструиравме и изградивме нова атмосферска, мешовита и фекална канализација
  • Уредивме 6 детски паркови и тоа: во Карпош, Долно Оризари, кај ОУ Климент Охридски, на улиците Север – југ, Смилевски конгрес, а во соработка со Бимилк, направивме и ново катче во Градскиот парк.
  • Реконструирано е едно кошаркарско игралиште во Брусничка населба и ракометно игралиште во ОУ Коле Канински
  • Реконструирани се 2 паркинг простори и комплетно е уреден простор во централното градско подрачје: тука зборувам за паркинг просторот кај Спортската сала „Боро Чурлевски“, паркинг просторот кај улиците „Цане Василев“ и „Кочани“ и уредувањето на просторот кај поранешен ЈАТ
  • Кај Офицерскиот дом веќе имаме соодветно партерно уредување и осветлување
  • Изградбата на новиот парк во Нова Битола веќе е во напредна фаза, просторот се уредува и има соодветно осветлување
  • Набавена е заштитна опрема и возила за противпожарна заштита
  • Овозможивме поддршка за Изградба на содржини во Аванатуристички парк на Пелистер
  • Поддршка за реконструкција на „Копанки“
  • Го уредуваме просторот кај новиот кружен тек кој го изградивме
  • Извршивме Адаптација на надворешен дел на прифатилиште за решавање на проблемот со бездомните животни и сме пред добивање одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство за да може прифатилиштето да започне со работа
  • Ги решивме проблемите и ја продолживме изградбата на детската градинка во АРМ и во соработка со МТСП вршиме адаптација на нова детска градинка во поранешниот Дом за доенчиња и мали деца
  • Реализирани се повеќе инвестиции во централната детска градинка „Мајски цвет“ и нејзините клонови
  • Инвестираме во подобри услови во Домот за стари лица „Сју Рајдер“
  • Се подобруваат условите во воспитно образовните објекти, тука ќе го споменам училиштето „Таки Даскало“, Гимназијата „Јосип Броз Тито“, техничкото училиште „Ѓорги Наумов“, основните училишта „Елпида Караманди“, „Климент Охридски“, „Ѓорѓи Сугарев“, вчера во ОУ Коле Канински опремивме две ресурсни простории, наскоро ќе биде отворена сензорна соба во ОУ Даме Груев, а во тоа училиште во соработка со Кинеската амбасада, поставени се фотоволтаици и конечно решено е греењето во спортската сала „Боро Чурлевски“, која ја уредивме по европски стандарди, како благодарност и поддршка за РК Пелистер Еурофарм кој после 18 години ни ја донесе шампионската титула и натпреварите од Лигата на шампиони во Битола
  • Изготвени се 12 стратешки документи, важни за економски развој на Битола и 2 се во завршна фаза на изготвување, што е многу значајно при аплицирање за проекти и финансиска поддршка од различни фондови
  • Продолжува изработката на новиот генерален урбанистички план
  • Работиме на осовременување на општинските услуги со дигитален систем и многу скоро ќе овозможиме електронско плаќање на данокот на имот и интегриран систем за управување со документи и геоинформациски систем.
    Го поддржуваме волонтерството, женското претприемништво за што денес имаме и посебни настани, а како лидери во државата во областа на еднаквите можности, активно сме вклучени во кампањата против родово базирано насилство, за што поддржавме и отворање на советувалиште. На иницијатива на локалниот економско социјален совет, настојуваме да придонесеме за заживување на Старата битолска чаршија, преку вмрежување и ставање на „Зимската приказна“, во еден културно – туристички концепт, кој верувам ќе привлече голем број посетители.

Во тек на прес конференцијата стана збор и сегменти кои се во директна зависност од носителите на централната васт а во врска со делумното одземање на ингеренциите на Општината за назначување директори на училишта, блок дотациите и процесот на децентрализација, зависноста на сите општини од ажурното постапување на министерствата, досегашната соработка со советниците, за буџетот за 2024 година чие изработување е во тек споед законски определениот календар за донесување на Буџетот.

„Иако знаеме дека, не може се да се направи одеднаш и преку ноќ, во една специфична политичка ситуација, со која локалната самоуправа се соочува за првпат, во изминатите 2 години, сведоци сме дека, се менуваат и подобруваат условите во општина Битола.“ – рече денеска пред новинарите и општинските службеници градоначалникот Коњановски, додавајќи „ Продолжуваме со транспарентно и посветено работење за реализацијата на започнатите проекти, а веќе имаме изготвена проектна документација за 52 нови проекти.

Извор: Општина Битола / видео од прес конфернецијата на линкот подолу

https://www.facebook.com/OpstinaBitola/videos/1319013155449104


1097