March 2, 2024

Денес, во организација на Советот за женско претприемништво со поддршка од општина Битола се одржа саем на женско претприемништво. Во своето обраќање заменик градоначалникот Бојан Бојкоски нагласи дека општината продолжува да се залага за напредок на претприемништвото и економско јакнење на жените.

„Во нашето досегашно функционирање како локална самоуправа сме целосно насочени кон сеопфатна и целосна родова еднаквост во функционирањето на нашето локално окружување и сме комплетно отворени за соработка и развој на бизниси од различни области.
Женското претприемништво во мали заедници како што е нашата велам мали во поглед на светските трендови, игра важна улога во економското развој и социјалната стабилност.
Жените претприемачи во малите заедници имаат можност да ги инкорпорираат своите идеи и ентузијазам развивајќи свои успешни бизнис приказни, а со тоа и да го зајакнат целокупното општество во кое живееме. Во рамките на развојот на тие бизниси тие можат да создаваат нови работни места, да ги поттикнуваат идеите за иновации, да креираат модернизација на процесите и да придонесат многу кон општествената благосостојба.


Лично сметам дека промовирањето на женското претприемништво, споделување на сознанијата за истото, промоција на можностите за поддршка на истото, можностите кои им се достапни и отворени на заинтересираните страни како и создавањето на ваквите платформи за соработка и развој во општините како што е нашата, значат многу не само за претприемачките што веќе егзистираат туку и како инспирација за другите кои можеби имаат потенцијали и идеи но не располагаат со доволно информации, за да може да се реализираат како претприемачи.“ – рече заменик градоначалникот Бојан Бојкоски, кој ги увери присутните дека во Битола посветено и доследно ќе се работи на исполнување на целта на постоењето на платформата.

Извор: Општина Битола


1129