March 2, 2024

Павел Шатев – револуционер, национален деец, публицист и државник

Денес во организација на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ ОК БИТОЛА се одржа панихида на гемиџијата, првиот министер за правосудство, вечниот борец за независна и обединета МАКЕДОНИЈА, Павел Шатев.

Павел Шатев е роден е во Кратово, 15 Јули 1882 година. Ја завршил егзархиската гимназија во Солун (1900), каде што се вклучил во терористичкиот кружок на гемиџиите. Учествувал во неуспешниот обид за кревање во воздух на Отоманската банка во Цариград и во диверзијата на францускиот патнички брод „Гвадалкивир“ во солунското пристаниште (20, 29 и 30. Ⅳ 1903). Бил уапсен и осуден на смрт, но казната му била заменета со доживотна робија и испратен е во затворот крај Фезан (Либија). По Младотурската револуција бил амнестиран (1908) и отишол во Брисел за да студира правни науки (1912), кои ги завршил на Софискиот универзитет. Извесно време бил професор во Со-Павел шатев лунската трговска академија. Во Првата светска војна бил правник во штабот на бугарската армија во Ниш, а по Војната политички активист сред македонската емиграција во Софија и претседател на Македонската емигрантска федеративна организација (од нејзиното основање во декември 1921). Во контакт со претставниците на Советскиот Сојуз и Коминтерната во Софија, станал нивен професионален разузнавач (1923). Учествувал во подготовката и преговорите за потпишувањето на Мајскиот манифест (1924). Наскоро емигрирал во Турција (септември 1924), а потоа во Виена (1925) и Берлин (1928). Бил еден од дејците на ВМРО(Об) и соработник во нејзиниот орган в. „Македонско дело“. Наскоро бил префрлен на работа во Цариград (1929), а потоа во Софија, како раководител на Центарот на разузнавачката служба на СССР. Бил уапсен (ноември 1941) и интерниран во казненички логор, а потоа осуден на 15 години затвор (јули 1942). По капитулацијата на Бугарија (9. Ⅸ 1944) се вратил во Македонија и бил избран за член на Президиумот на АСНОМ и повереник за правосудство. Ја прифатил Резолуцијата на Информбирото, бил уапсен (јуни 1949) и интерниран во Битола, каде што и починал на 30 Јануари 1951 год.

Автор е на публицистички и мемоарски дела. БИБ.: Солунскиот атентат и заточениците во Фезан, според спомени на Павел шатев. Превод Цветко Мартиновски, Скопје, 1994. ЛИТ.: Д-р Крсте Битоски, Солунските атентати 1903, Скопје, 1985; Павел шатев, време, живот, дело (1882-1951). Прилози од Научниот собир одржан на 15 и 16. Ⅲ 1992; Јован Павловски, Гемиџиите, Скопје, 1977 и 1997. С. Мл.


1075