March 2, 2024

Полицијата влезе на Онкологија, приведени неколку вработени!

ПО ИЗВРШЕНИ ПРЕТРЕСИ НА ПОВЕЌЕ ЛОКАЦИИ 

Според директорката на Клиника за онкологија, д-р Виолета Клисарова, сè е под контрола и нема застој во работата, односно секој пациент ја добива потребната здравствена нега. -Во моментов течат редовни прегледи, се дава континуирано терапија, се примаат нови пациенти и нема застој во работата. Апелирам да не се создава паника, ниту еден пациент нема да биде вратен, сите ќе бидат прегледани и ќе ја примат потребната терапија – кажа вчера д-р Клисарова. Од Основното јавно обвинителство – Скопје информираа дека до вчера попладне извршени се претреси на три локации и задржани се четири лица. Основното јавно обвинителство Скопје продолжува со дејствија, а лицата се задржани за сомненија за кривични дела во случајот Онкологија. 

Хаос и паника кај пациентите вчераутро се случуваше на Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија откога по осум часот од страна на полицијата беа приведени неколку лица – вработени кои се под сомневање дека се инволвирани во скандалот Онкологија. Претресот на Онкологија и приведувањата се дел од најголемата здравствена афера што досега се случила во Македонија, а што изминатите пет месеци ја брануваа јавноста и сериозно ја разниша довербата  пациент-лекар. За да ја смири тензијата и да ги ослободат пациентите и нивните семејства од притисоците, директорката на Клиника за онкологија, д-р Виолета Клисарова, веднаш се појави пред објектот и соопшти дека нема застој во работата на Онкологија и дека секој пациент ќе ја добие потребната здравствена нега.

-Во моментов течат редовни прегледи, се дава континуирано терапија, се примаат нови пациенти и нема застој во работата. Апелирам да не се создава паника, ниту еден пациент нема да биде вратен, сите ќе бидат прегледани и ќе ја примат потребната терапија – кажа д-р Клисарова и потврди дека вчераутрото полицијата од нивната здравствена установа привела три лица. 

Но, директорката Клисарова истовремено посочи дека за останатите информации поврзани со лица кои се сомничат дека се поврзани со случајот Онкологија, надлежните институции кои ги водат овие процеси треба да дадат детални информации.

Од Основното јавно обвинителство Скопје информираа дека до вчера попладне се извршени претреси на три локации и дека се задржани четири лица. Основното јавно обвинителство Скопје продолжува со дејствија, а лицата се задржани за сомненија за кривични дела во случајот „Онкологија“.

-Сите задржани лица се во врска со истиот предмет – потврдуваат од Скопското обвинителство без да прецизираат точно за кое кривично дело се работи.

Економскиот директор на Онкологија, Халид Матоши, исто така потврди дека од клиниката се приведени две медицински лица и еден вработен. Според информациите приведени се екс-директорот Нино Васев, едно медицинско лице и едно вработено лице од клиниката. На прашањето дали и секретарката е приведена од Клиниката, Матоши во изјавата потврди дека таа не се појавила на работното место..

-Секретарката денеска не се појави на работа, можеби е земена од друго место, а и телефонот ѝ е исклучен, информираше организацискиот директор Матоши.

Приведен е и екс економскиот директор на Онкологија. Директорката д-р Клисарова и Матоши нагласија дека надлежните не разговарале со нив, туку само им посочиле дека имале налог за тоа кој треба да биде приведен.

Што се однесува за  КАТО системот, д-р Клисарова  образложи дека се работи за  процедура која трае, треба време за да се имплементира. Во моментов, според неа, КАТО-системот е далеку од почнување и ставање во функција.

-Заедно со Министерството за здравство се работи на проектот. Во моментов има доволно терапија на Клиниката и затоа сакам да потврдам дека сите пациенти ќе бидат опслужени со потребната терапија – нагласи д-р Клисарова  

Обвинителството уште пред пет месеци отвори предистрага за случајот на Клиниката за онкологија, со индиции дека се краделе скапи лекови. Истрагата започна да се води по наводите дека на оваа Клиника имало организирана мрежа што ја крадела скапата онколошка терапија и ја продавала на црниот пазар во земјава и надвор од неа. Се искажа и сомневање дек на пациентите, наместо потребниот лек, им се давал само физиолошки раствор. За овие сомнежи се произнесоа и државните ревизори кои укажаа на неправилности во работењето на клиниката за Онкологија во периодот 2021 и 2022 година.

На стартот на предистрагата Обвинителството соопшти дека ќе  формира стручен тим што ќе ја анализира запленетата документација за водење на пациентите и за администрирање на терапијата. Министерството за здравство веднаш даде поддршка за акцијата на Обвинителството и полицијата, со цел вистината да излезе на виделина. Скандалот Онкологија есента предизвика реакции во јавноста и низа протести пред Владата од страна на пациенти, нивните семејства и невладини организации. Тоа, пак, дополнително  предизвика да се рашири и вирусот на недоверба во овој витален сектор.

Со судска наредба во септември беа извршени и претреси на Клиниката за онкологија и во два приватни стана. Притоа беа одземени компјутери и документација, кои потоа беа дадени на анализа и вештачење.

И Народниот правобранител, како и бројни здруженија од здравствениот ресор дадоа поддршка за акцијата на Обвинителството и полицијата. Се формираше и собраниска Анкетна комисија со која раководеше пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи. Пред Комисијата сведочеа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поранешните министри за здравство Венко Филипче, Беким Сали и Никола Тодоров, актуелниот министер Фатмир Меџити, поранешниот директор на Онкологија д-р Никола Васев, како и  поранешни и актуелни директори на Фондот за здравствено осигурување и други лица и функционери. Со свои изјави пред комисијата се произнесоа Државниот санитарен и здравствен инспекторат и од Агенцијата за лекови и медицински средства – „МАЛМЕД“.

(В.Ма.)


1020