„Суперхикс“ го промовира најновиот студиски албум

Во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, Суперхикс во вторник 16-ти април 2024 година, со почеток во 12 часот го промовираат новиот албум „Сила и нервоза“.

„Ве каниме на слушачка (а и малку свирачка) промоција на новиот албум „Сила и нервоза“. Истиот е снимен во студиото „Тра Ла Ла“ на продуцентот Мите Димовски (освен „Скарантин“, која е снимена кај Ненад Трифуновски) и веќе се наоѓа на CD формат и на сите музички платформи. Наскоро го очекуваме и печатењето на винилот за истиот“, порачаа од бендот пред промоцијата.

Како најава за албумот беше објавен и видео спотот за песната „Сила и нервоза“, заедно со Фолтин. Инаку, тие оваа година прославуваат 30 годишен јубилеј и ова е само една од активностите кои се подготвуваат. Секако, централната манифестација ќе се случи на 29-ти мај 2024 година, во паркот кај салата „Расадник“, каде Суперхикс, со поддршка од Општина Кисела Вода ќе одржат голем славенички концерт.


1205