Реми без голови на Пелистер и Брера

Екипите на Пелистер и Брера со непопуларно реми го започнаа пролетниот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига, откако натпреварот во Битола заврши без голови (0-0).

Во отсуство на повредениот голман Јовчевски, новиот тренер на Пелистер, Срѓан Захариевски, шанса од првата минута му даде на младиот Натаниел Димовски, а во првиот тим беа и зимските засилувања Такахара и Тарасенко. 

Пелистерци имаа почетна иницијатива и на терен делуваа постабилно и поконкретно, а тоа им донесе две шанси од прекин. При првиот Керим шутираше над голот на гостите, додека во вториот обид се одлучи да центрира, но повторно без резултат.  Следуваше период на мирна игра, воглавно на средината на теренот и со многу грешки на двете страни. Во 30. минута домаќините бараа најстрога казна, поради наводна игра со рака на Стојилевски, но главниот судија не мислеше така и не ја прекина играта. 

Струмичани својата прва закана кон противничкиот гол ја имаа во 30. минута кога капитенот Ѓорѓиевски биеше силно од слободен удар, но топката од блокот заврши во корнер. Пред самиот крај на полувремето, Пелистер беше најблиску до отворање на резултатот, откако по центаршутот на Такахара, капитенот Ивановски биеше со глава, но само во добро поставениот Диковски. 

Вториот дел започна со големо возбудувања пред домашниот гол. Ѓорѓиевски одлично му побегна на противничката одбрана и со серија дриблинзи си создаде простор за удар, но шутираше непрецизно и топката заврши покрај голот на Димовски.  На спротивната страна, голема шанса не искористи зимското засилување од Русија. Тарасенко одлично ја следеше акцијата и доби прецизна топка во срцето од казнениот простор на гостите, но биеше многу лошо и пропадна уште една шанса на пелистерци. Двете екипи како да беа задоволни со по еден бод, па до крајот не се осмелија да нападнат и натпреварот заврши со почетниот резултат. 

Со ова реми двете екипи останаа на позициите со кои влегоа во ова коло. Пелистер е на седмото место, додека Брера останува осма. 


1153

Задолжително

Verified by MonsterInsights