Живојно – домашниот џокер во битката за енергетска независност!

Професори, експерти и институции сè погласни: „Рудникот Живојно е нашето најбрзо решение против увозна зависност!“

Во време кога Европа го забрзува своето повлекување од фосилните горива, Македонија се соочува со реалноста на енергетски јаз – желбата за зелена транзиција сè уште не е технички и инфраструктурно достижна. Во таков контекст, рударскиот проект „Живојно“ се наметнува како национален приоритет, но и како клучен премин меѓу сегашноста и иднината.

Според проф. д-р Зоран Панов, раководител на Катедрата за површинска експлоатација на Природно-техничкиот факултет при УГД, паралелниот пристап – користење на домашни ресурси и инвестиции во обновливи извори – е единствено рационален. А кога се зборува за домашни ресурси, Живојно е првото име на списокот.

Што претставува Живојно?
Рудникот Живојно е внимателно истражуван локалитет во близина на Новаци, со докажани резерви на лигнитски јаглен, кои се оценети како технички и економски изводливи за ископ. Неговото активирање не бара изградба на нови термоелектрани – постоечките блокови на РЕК Битола се веќе подготвени за користење на овој тип јаглен.

Панорамата на Живојно како енергетски ресурс не е нова – но денес, повеќе од кога било, оваа опција станува актуелна поради нараснатите трошоци за увоз и потребата од енергетска безбедност.

Увозот не е решение – 200 камиони секој ден!
Според АД ЕСМ, дневно и до 200 тешки камиони го транзитираат патниот правец до РЕК Битола, носејќи увозен јаглен – сценарио што е неодржливо и за економијата и за локалната инфраструктура.

На средбата помеѓу генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, и градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски, се констатира дека Живојно нуди можност за трајно намалување на зависноста од увоз и креира домашна контрола врз клучниот енергенс. Дополнително, активирањето на рудникот може да значи и нови вработувања, економски импулс за регионот и поширока енергетска стабилност.

Некои скептици ваквите планови ги гледаат како чекор назад, но професорот Панов појаснува:„Живојно не е крајната цел, туку премин. Тоа е средство за стабилност, додека се гради инфраструктурата за обновлива енергија. Ако не ја премостиме оваа фаза со домашен јаглен, ризикуваме ценовни шокови и нестабилност.“

Според проценките, трошоците за ископ на домашниот јаглен се до 60% пониски од сегашните трошоци за увоз, а производната цена на енергија може да се намали и за 30–40 евра по мегаватчас.
АД ЕСМ посочува дека со користење на Живојно, не само што ќе се обезбеди енергетска сигурност, туку ќе се создаде финансиски простор за инвестиции во фотоволтаици, ветерници и батериски системи.

„Живојно ни дава време – време за паметна транзиција, време за долгорочна одржливост“, велат од компанијата.


1196

Задолжително

Verified by MonsterInsights