По 60 години, граничниот премин „Маркова нога“ ќе стане реалност: Маркова Нога станува нов граничен премин кон Грција
Поврзувањето на двете Преспи, од македонската и грчката страна на границата, е на чекор до реализација. Во четвртокот (5 јуни), во Лемос, Општина Преспа – Грција, се одржа средба меѓу министерот за внатрешни работи на Македонија, Панче Тошковски, и неговиот грчки колега Теодорот Ливаниос, заедно со евроамбасадорот Михалис Рокас, со која официјално беше означен почетокот на втората фаза од проектот BorPres 2.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во своето обраќање на настанот на кој беше презентиран целиот проект истакна дека ова не е само почеток на инфраструктурен проект, туку реализација на заедничка визија – визија вкоренета во регионалната соработка, европската интеграција и трајното партнерство меѓу нашите две држави.
Проектот има за цел отворање на нов граничен премин кај Маркова Нога – Лемос, што ќе овозможи директна врска помеѓу Ресен и Лемос, намалувајќи го времето на патување од два часа на само 40 минути. Овој премин, кој со децении беше затворен за јавен сообраќај, се очекува да стане симбол на новата ера на поврзаност, доверба и развој помеѓу двете соседни држави.
Според надлежните, отворањето на преминот ќе донесе значајни економски и туристички бенефити за целиот Преспански регион, зајакнувајќи ги прекуграничните односи, но и практично имплементирајќи ги европските стандарди за слободно движење и соработка.
„Ова е повеќе од инфраструктурен проект – ова е врата кон нови можности за луѓето од Преспа и пошироко“, истакна евроамбасадорот Рокас.
Проектот започна на 14 февруари 2025 година и е планирано да трае 36 месеци, со завршување на 13 февруари 2028 година.