Во Битола одбележан Денот на државноста на Хрватска со музика, уметност и пријателство!

Во срдечна и свечена атмосфера, во петокот, на 6 јуни 2025 година, во Свечената сала на Офицерскиот дом – Културно-информативен центар Битола, беше одбележан Денот на државноста на Република Хрватска. Настанот, кој прераснува во убава традиција на културно поврзување, беше организиран од Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ – Битола, во соработка со повеќе институции од Македонија и Хрватска.

Битолчани имаа можност да уживаат во богата уметничка програма, исполнета со препознатливи звуци на далматинскиот мелос, но и со визуелни уметнички изрази. Настапот на женската клапа „Виоле“ од Дрвеник и женскиот хор „Градац“ од истоимената општина во Хрватска внесе емоција и културна автентичност, освојувајќи ја публиката со хармонија и традиција. Како специјални гости во музичкиот дел се претставија и учениците од Државното музичко училиште – Битола, чии изведби беа поздравени со бурен аплауз.

Во вториот дел од програмата, свечено беше отворена изложбата на фотографии под наслов „Хоризонти“ од хрватската авторка др. сц. Блага Петрески од Сплит. Изложбата донесе визуелна медитација на тема простори, светлина и духовни димензии, обединувајќи го уметничкото со универзалното.

Претставници на Општина Битола, КИЦ Битола, Сплитско-далматинскиот округ, како и гости од Хрватска и хрватската дијаспора, упатија пораки на пријателство, културна соработка и споделена европска иднина. Настанот уште еднаш ја потврди блискоста меѓу македонската и хрватската културна заедница и значењето на ваквите иницијативи за меѓусебно разбирање и почит.

Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ – Битола и оваа година ја продолжи својата мисија на негување и промовирање на хрватската култура и традиција во Македонија. Во изминатите години, Центарот активно работи на продлабочување на соработката преку збратимувања со општини, организирање размена на уметници и културни настани кои градат мостови меѓу двете земји.

Настанот беше реализиран со поддршка на Културно-информативниот центар Битола, Општина Битола, Државното музичко училиште – Битола, Сплитско-далматинскиот округ и Централната канцеларија за Хрватите надвор од Република Хрватска.


1266

Задолжително

Verified by MonsterInsights