Финансиска поддршка за Пелистер Волеј – инвестиција во младите и иднината на Битола
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски најави конкретна мерка за поддршка на одбојкарскиот клуб Пелистер Волеј, истакнувајќи дека оваа екипа претставува многу повеќе од спортски колектив.
„Пелистер Волеј не се само одбојкарки. Тие се храброст, страст, борба и гордост за нашиот град. Девојки кои со срце играат за Битола и секојдневно го рушат митот дека спортот е само машка арена,“ изјави Коњановски.
Тој најави дека ќе предложи до Советот на Општина Битола склучување двегодишен договор за финансиска поддршка на клубот, во износ од 2 милиони денари по сезона.

„Ова не е само инвестиција во спортот. Ова е инвестиција во вредностите на младите и во иднината на Битола. Кога поддржуваме девојки што сонуваат, ја градиме Битола што инспирира,“ додаде градоначалникот.
Со најавената поддршка, Општината испраќа јасна порака дека вложувањето во женскиот спорт е значајно за развојот на локалната заедница, промовирање на родова еднаквост и поттикнување на активното учество на младите во спортскиот живот на градот.
„Срцето на Битола чука и на одбојкарските терени,“ порача Коњановски.
