Барселона и ПСЖ повторно во Битола – историска група за Еурофарм Пелистер

Со ждрепката која деновиве ја привлече вниманието на европската ракометна јавност, Еурофарм Пелистер го дозна своето најголемо искушение досега во Лигата на шампионите. Битолскиот клуб се најде во група што со право се нарекува најтешката оваа сезона, во која главна атракција ќе бидат дуелите со најтрофејниот европски клуб Барселона и францускиот гигант ПСЖ.

Оваа ждрепка, иако многумина ја оценуваат како непосакувана поради огромната конкуренција, од друга страна носи и историска шанса за Пелистер да се издигне над сите очекувања и да ја запише најуспешната сезона во своето учество на најпрестижното клупско натпреварување.

Противници за кој не е потребно посебно претставување

Барселона, која доаѓа во Битола како симбол на ракометната доминација, е клуб со 11 титули од Лигата на шампионите и играчки состав кој и оваа сезона важи за прв фаворит. Шпанскиот великан минатата сезона се најде во полуфиналето, а оваа година амбициите се повторно да се стигне до самата завршница.

Пари Сен Жермен неколку сезони наназад настапува со најголем буџет во Европа и речиси половина репрезентација на Франција во својот ростер. ПСЖ и во оваа кампања ја најави борбата за титула, со оглед на тоа што Никола Карабатиќ ќе ја одигра својата последна сезона како професионалец, што дополнително ќе ја засили мотивацијата на тимот.

Не помалку сериозни се и останатите ривали – Магдебург како актуелен европски шампион ќе се обиде да ја одбрани круната, Пик Сегед и Висла Плоцк се стабилни екипи кои секогаш одат минимум до осминафинале, а Гог и Загреб секогаш имаат свои адути и знаат да изненадат и најголеми фаворити.

Предизвик и можност

За Еурофарм Пелистер ова е пред сѐ можност да ја мери својата вредност против најдобрите. Секоја средба со овие противници ќе биде тежок испит на тактички план, но и уникатно искуство за македонските ракометари.

Се очекува тренерскиот штаб да ја искористи летната подготовка за да изгради тимска хемија, посебно имајќи предвид дека сезоната ќе биде долга и физички барања ќе бидат големи. Секој бод освоен против овие ривали ќе има двојно значење – како резултатска сатисфакција и како доказ дека Пелистер е клуб кој веќе сериозно чекори во европската ракометна елита.

Од аспект на градот, оваа ждрепка значи ракометен амбиент што нема да се повтори скоро. Салата во Битола ќе биде преполна на секој натпревар, а интересот за билетите е огромен уште од вчера. Според првичните информации, средбите со Барселона и ПСЖ се предвидува да бидат распродадени за рекордно кратко време.

Истовремено, ваквата сезона е промоција на македонскиот ракомет и можност младите играчи и навивачи да гледаат светски ѕвезди во живо – поттик кој може да има големо влијание врз идните генерации.

Иако противниците се респектирани и исклучително квалитетни, искуството од минатата сезона покажа дека Еурофарм Пелистер знае да игра храбро и без респект. Во вакви дуели понекогаш и најмалите детали одлучуваат – концентрацијата во последните минути, широчината на клупата и атмосферата во салата.

Битолчани нема што да загубат – напротив, ќе добијат сезона во која секој натпревар е празник за спортот. Од нив останува да покажат карактер, максимален ангажман и да ги искористат шансите што ваквите големи средби ќе ги понудат.


1185

Задолжително

Verified by MonsterInsights