Битола доби нови безбедни велопатeки
Иако на Советот не помина проектот за велосипедски патеки со европски средства, на терен работите продолжија со општински пари – односно средства од самите граѓани. Токму овие денови, улицата „Партизанска“ добива нов изглед, бидејќи од двете страни интензивно се обележуваат велосипедски патеки, а паралелно се работи и на улицата „Генерал Васко Карангелевски“, каде се прават и нови премини.
Одделувањето на велосипедските ленти од пешачкиот дел е означено со бела линија, а наскоро ќе бидат поставени и сообраќајни знаци. Според неофицијални информации, уште следната недела велосипедистите ќе можат да ги користат патеките.
Иницијативата „Битола на точак“ ја поздрави новата инфраструктура, оценувајќи дека ова е голем чекор напред во однос на претходната состојба. Долги години, поради распаднати тротоари од крајот на 70-тите кои само се крпеа, велосипедистите беа принудени да се движат по коловозот и да се изложуваат на опасност од автомобили, камиони и автобуси.
„Сега имаме нов тип на безбедни велопатeки, дел одвоени од коловозот, дел целосно реновирани. Секако дека секогаш може подобро, но ова е значаен напредок за Битола“, велат од „Битола на точак“.
Од иницијативата додаваат дека во иднина подолги и поврзани велопатeки би биле голема придобивка за градот. Во меѓувреме, во општината се размислува и за обележување патеки на други улици, но за тие планови засега нема официјални детали.
„За кратко време, многу граѓани ќе сфатат дека низ Битола побрзо се стигнува со велосипед отколку со автомобил, особено во периоди на сообраќајни гужви“, порачуваат од иницијативата.
Доколку сè оди според планот, подгответе ги велосипедите – следната недела новите велопатeки ќе бидат целосно подготвени за користење.