Бит Фест: Јубилеен концерт на Стефанија Милевска – Враниќ со „Stefanijazz – Welcome to Stefanija’s Music World“

Во рамки на Бит Фест, на 27 јуни љубителите на музиката имаа привилегија да бидат дел од едно посебно музичко доживување – јубилејниот концерт на Стефанија Милевска – Враниќ, со кој уметницата одбележа една деценија од својата авторска музичка приказна. Настанот се одржа на новата сцена на Центарот за култура Битола и привлече бројна публика, која со воодушевување ја следеше секоја изведба.

Позната по својот автентичен музички израз, Милевска – Враниќ во текот на концертот ја претстави суштината на своето творештво – спој на емоција, слобода и љубов кон музиката. Публиката можеше да ужива во внимателно подготвен репертоар, кој обедини авторски композиции и преработки на реномирани џез стандарди, надополнети со современи џез, џез-рок и босанова аранжмани.

Во емотивниот вовед, уметницата се обрати со порака исполнета со оптимизам и благодарност:

„Од денес решив да споделувам само среќа. Верувам дека сè ќе биде убаво, позитивно, дека Бог е моја единствена водилка. Среќна сум што вечерва токму вие ја делите оваа магија со мене.“

Сцената ја исполнија и извонредни музичари, со кои Стефанија ја сподели својата визија:

  • 🎙 Стефанија Милевска – Враниќ – вокал
  • 🎙 Билјана Трајковска – вокал и пратечки вокали
  • 🎸 Владимир Враниќ – гитара
  • 🎺 Владимир Николиќ – Dadoni – труба
  • 🎹 Ристо Крстевски – клавијатура
  • 🎻 Зоки Паркет – контрабас и бас
  • 🥁 Павел Талевски – тапани

Со внимателно осмислениот настап и силната енергија, концертот претставуваше вистинска фузија на стилови и генерации – совршен баланс меѓу класиката и современиот звук, меѓу нежноста на џезот и динамиката на рокот.

Бит Фест и овој пат потврди дека Битола останува град со богата културна сцена и љубов кон уметноста. Настанот се реализираше со поддршка на Министерството за култура и туризам и Општина Битола.


1323

Задолжително

Verified by MonsterInsights