Свети Јован Шангајски и неговата служба во Битола
Свети Јован Шангајски е роден на 17 јуни 1896 година, во Адамовка, Харковска губернија, со крстено име Михаил – по светиот Архангел Михаил. Од рано детство се одликувал со длабока побожност. Често одел во блискиот манастир каде што почивале мошти на свет архиепископ, познат по подвигот да останува буден во молитва цели ноќи.
Младиот Михаил и самиот станал таков подвижник. Од моментот кога ги прими монашките завети па сè до своето упокојување 40 години подоцна, не спиел во кревет. Си дозволувал само краток одмор во седечка положба или преклонет на подот, секогаш во молитва. Јадел еднаш дневно, час пред полноќ, а за време на Великиот пост, првата и последната седмица не земал никаква храна. Често одел бос дури и во најстудените зими.
По Октомвриската револуција, заедно со семејството се преселил во Белград, каде што дипломирал на Богословскиот факултет. Во 1926 година прими монашки потстриг, добивајќи име по неговиот роднина, свети Јован Тоболски. Истата година бил ракоположен за јеромонах.
Наскоро, по благослов на митрополитот Антониј Храповицки, бил испратен во Битола – тогаш значаен духовен центар на руската емиграција. Тука станал професор во Православната семинарија „Свети Јован Богослов“, каде што се школувале идните свештеници на Руската задгранична црква. Својата служба ја вршел во Руската црква во Битола, која станала прибежиште за многу бегалци и верници.
Во Битола, неговата светост особено дошла до израз. Учениците први откриле дека тој речиси и не спиел. Ноќе ги обиколувал спалните и се молел над нивните глави. Тогашниот Битолски владика често велел:
„Сакате ли да видите жив светија – одете кај отец Јован.“
Тој живеел во крајно смирение и простота, со најскромна облека, босоног, и секогаш подготвен да им помогне на сиромашните и болните.
На 10 јуни 1934 година, на 38 години, бил воздигнат во епископски чин од митрополитот Храповицки. Скромен, сметал дека повикот е грешка, бидејќи има говорна мана. Му рекле:
„И великиот пророк Мојсеј пелтечеше.“
Бил назначен за архиереј на Шангајската епархија. Во Кина ја возобновил црковната и хуманитарна мисија: градел храмови, болници, сиропиталишта и собирал деца од улица. Ден и ноќ ги посетувал болните, и многумина сведочеле за чудесни исцелувања. Познат е случајот кога причести жена заболена од беснило, која веднаш ги повратила Светите Дарови. Владиката без двоумење ги голтнал, велејќи:
„Нема ништо да се случи – ова се Свети Дарови.“
Подоцна служел и на Филипините. Кога еден Русин изразил страв од тајфун, локалните Филипинци му одговориле:
„Вашиот свет човек секоја ноќ го благословува кампот од сите страни.“
Навистина, додека тој бил таму, тајфун не удрил на островот.
Подоцна живеел и во Париз, каде што католички свештеник им рекол на младите:
„Вие велите дека денес нема чуда и светители? По улиците на Париз чекори еден – свети Јован Босиот.“
Најпосле служел во Сан Франциско, каде што последните години му биле исполнети со многу страдања, клевети и судски процеси, но на крајот вистината победила.
Ги претскажал времето и местото на својата смрт. На 2 јули 1966 година, крај чудотворната Икона на Богородица, се упокоил во Господ. Многумина сведочеле дека им се јавувал на сон, исполнет со светлина и радост.
Во 1994 година комисија на Руската задгранична црква открила дека моштите му се нетлени. Верници од целиот свет, молејќи се пред нив, добиваат исцелувања и утеха.
Свети Јован Шангајски се слави на 2 јули.