Мирка – симболот на македонската жена и борбата за правда

Тивко, но со надчовечна сила, се слуша песната што ја опева Мирка Гинова – жена која го посвети својот живот на слободата на својот народ:

„Тихо Мирка си заспала
во Почепските планини,
таму долу во ливади.“

Мирка е родена во 1916 година во сиромашно семејство во мало село Русилово, во срцето на Егејска Македонија. Многу рано го изгуби мајчиниот топол допир, а животот ја научи на суровата вистина уште додека беше дете. Но, во нејзиното срце пламнеше голема желба за знаење, па благодарение на таткото, кој и покрај тешкиот живот ја испрати на учителска школа во Костур, Мирка станува учителка. Целата љубов и посветеност ги вложува во децата, а целото село ја прегрнува како своја.

Но времето што дојде беше темно – фашистичката војна и окупација на Грција го доведоа македонскиот народ на работ на искушението. Со срце полно борба, Мирка не можеше да седи мирно. Таа се приклучи на ОКНЕ и ЕПОН, организираше и регрутираше младинци во воденските и мегленските села, а во 1943 година стана партизанка, решена да се бори за слобода.

Песната нè потсетува:

„Насред ноќи пристигнале
втора чета комесари.
Гласот Мирка му го слушна,
одма Мирка се разбуди.“

Ова е приказна за жена што ја слушна повикот на времето и се разбуди за борба. Таа беше светлост и надеж во мракот што ја опкружуваше нејзината татковина.

Во 1946 година, во близина на Воден, Мирка го предводеше својот мал партизански одред. Во жесток судир со грчките војници, таа беше единствено вооружена и успеа да убиe двајца од противниците. Но, кога остана без муниција, беше заробена.

Песната зборува и за ова:

„Во зората пристигнале
клети шпиони фашисти,
местото го заградија,
жива Мирка ја фатија.“

Заробена и брутално малтретирана, Мирка ја носеа по улиците на Воден, но никогаш не се покори. Ги гледаше луѓето со исправена глава и со насмевка што ја испраќаше како порака на непокор.

Таа беше прва жена во Грција што беше осудена на смрт поради својата политичка активност. На 26 јули 1946 година, во близина на градот Ениџе-Вардар, таа беше стрелана со другите свои соборци.

Мирка својата храброст ја покажа и во последните мигови. Не дозволи да ѝ ги врзат очите, а цело време пеејќи ја „Интернационалата“ ја покажа нескршливата волја и вера во правдата.

Грчкиот војник што бил сведок на нејзината смрт му напиша писмо на нејзиниот татко, во кое вели:

„Ја пресретна смртта со насмевка на усните, смело, пеејќи и сите присутни се зачудивме… Умирам за нешто во што верувам со сета душа, како чесна, а не како нечесна, за поарен живот на другите, а не за мојот.“

Низ болката и страдањата, Мирка Гинова стана вечен симбол на македонската жена — борец, храбра и горда. Нејзината жртва не беше залудна, туку искра што гори и денес во срцата на сите кои сакаат правда и слобода.

Нека песната што ја опева Мирка биде мотив и потсетник дека иднината на нашиот народ зависи од нашата непоколеблива борба за достоинство, еднаквост и мир.


1341

Задолжително

Verified by MonsterInsights