КОГА ПАРТИСКИТЕ ОЧИЛА СТАНУВААТ ПОВАЖНИ ОД УЧЕНИЧКИТЕ ОЧИ
Одлуката на Училишниот одбор при СОУ „Крсте П. Мисирков“ во Демир Хисар да не го прифати барањето на Домот на културата „Илинден“ за симболична и финансиска поддршка при отворањето на Спомен-собата „Музеј на општинското радио – Радио Демир Хисар“ не е само управен пропуст – тоа е сигнал за едно подлабоко и опасно отуѓување на образованието од заедницата и визијата.
Овој проект не е обичен музеј. Тој е жива едукативна алатка што нуди практична, директна настава за учениците од електротехничката струка. Во ера кога сите бараме поврзување на теоријата со праксата, токму тука се отвораше шанса младите да научат што е радиопредавател, што е аналогна, а што дигитална технологија – да ја разберат магијата на радиото преку опрема што ретко се гледа, дури и во лаборатории.
И наместо ова да биде препознаено како образовна шанса, како можност за збогатување на наставниот процес и поврзување со историјата на локалниот медиумски развој, одговорот беше – дрско и безобразно не. Одлука што делува партиски обоено и лично мотивирано, а не просветно рационално.
Мојата лична резигнација е дотолку поголема што два мандати бев член, а еден период и претседател на истиот тој Училишен одбор. Добро се сеќавам кога се одобруваа барања за уредување на гробишта, за поддршка на комунални активности во месните заедници. Тоа не беше ништо спорно – напротив, беше израз на човечка и општествена одговорност. Но тоа го правевме додека водевме сметка и за учениците, за училиштето, за иднината. Затоа денешната ароганција и затвореност кон една иницијатива која е образовно, културно и историски непроценлива – е фрапантна.
Реагирам како некој што со години работи на овој проект, вложува лични ресурси, визија и време. Министерството за култура двапати даде поддршка. Донирав вредна техничка опрема без никаков надомест и вложив значителен физички и ментален труд. И наместо соработка – преку Домот на културата добив игнорирање. Домот на културата не бараше чуда. Бараше еден скромен придонес – реално очекувана поддршка од стотина евра за проект кој ќе остане за генерации (иако беше наведен и побаран износ до 30.000 денари).
Но не. Очигледно, зградите на училиштето и Домот на културата имаат различни „партиски фасади“ – па дури и радиобрановите стануваат „партиски обоени“.
Се разбира, музејот ќе се отвори. И ќе биде отворен за сите – и за учениците, и за граѓаните. Но срамот ќе остане како дамка врз овој Управен одбор. Одбор што наскоро (за среќа) заминува – но ќе остане запаметен по својата неспособност да гледа пошироко од сопствениот нос.
Затоа, ова не е само критика – ова е аларм.
Пишува : Благоја Шундовски