Рударите – темел на македонската енергетика: Одбележан празникот во РЕК Битола“
Во РЕК „Битола“, подружница на АД ЕСМ, денеска свечено беше одбележан 28 август – Денот на рударите. Настанот се одржа во присуство на високи државни функционери, локални претставници и вработени, кои заедно им оддадоа почит на рударите и нивниот придонес за енергетскиот сектор.
Меѓу гостите беа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, пратениците од Битола, како и градоначалниците на Битола, Новаци и Могила. Присуствуваа и членови на управниот и надзорниот одбор на АД ЕСМ, директори на јавни претпријатија, деловни соработници и медиуми.
Мицкоски на рударите им го честиташе празникот со традиционалниот поздрав „Среќно“, нагласувајќи дека тие се темел на македонскиот енергетски систем. „Обединети и сплотени ќе ги надминеме сите предизвици. Благодарение на вашата пожртвувана работа, сигурен сум во уште подобри резултати во иднина“, рече премиерот. Посетата ја потврди грижата и заложбата на Владата за добробит на сите вработени во комбинатот.
Министерката Божиновска додаде дека државата нема да дозволи злоупотреби и игнорирање на законите. „Времето на компромиси заврши. Поддршката е за компаниите кои инвестираат во безбедност и екологија, а за прекршителите следуваат строги санкции“, истакна таа.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, потсети дека рударите повеќе од четири децении го носат товарот на македонската енергетика. Тој најави продолжување на процесите за стабилизирање на рудниците Суводол и Брод Гнеотино и увери дека ЕСМ ќе обезбеди сигурна грејна сезона.
Во рамки на подобрувања за вработените, ЕСМ Молика ДООЕЛ Битола со голем труд и заложби ја става во функција кујната за вработените во РЕК „Битола“, која ќе биде отворена кон крајот на месец септември по предвидениот тест период. Топлиот оброк ќе придонесе за поголема продуктивност и подобри работни услови.
На свеченоста беа доделени признанија за 25 рудари, пет пожарникари и пет работници од термоелектраните, а посебна почит беше оддадена на семејствата на осум загинати работници. По официјалниот дел, присутните го посетија манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Новаци, заштитник на рударите.





