ВМРО-ДПМНЕ тргнува по убедлива победа – опозицијата ќе мора на реструктуирање
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека неговата партија и коалицијата сериозно се подготвуваат за претстојните локални избори со цел, како што рече, да постигнат историски резултат и да ја продолжат реформската агенда на Владата.
„Како политичка партија и како коалиција приоѓаме многу јасно и силно во оваа кампања затоа што сакаме да направиме историски резултат, да продолжи периодот на реформи, на сето она што денеска се гради во Македонија. И покрај тоа што бројките велат дека Коњановски е победник уште во првиот круг и дека победата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде убедлива, ние до последен момент ќе се трудиме да обезбедиме глас повеќе,“ изјави Мицкоски при посетата на РЕК Битола.
Тој додаде дека, според него, опозицијата веќе ги загубила овие избори и ќе мора да помине низ процес на реструктуирање и внатрешна катарза.
„Локалните избори за нив се загубени и таму ќе престои еден процес на реструктуирање, внатрешна катарза којашто им ја препорачувам за да се ослободат од некои стари времиња и да можат да бидат конструктивна опозиција и заедно да работиме за интересот на граѓаните,“ рече Мицкоски.
Мицкоски најави дека на 3 септември Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи седница, на која ќе бидат објавени останатите кандидати за локалните избори што ќе се одржат во октомври.