„Кире Костов – лет на ноти и спомени“ – Битола го слави маестро кој живее низ музиката

Во преполниот Офицерски дом, Битола ја дочека првата промоција на монографијата „Кире Костов – лет на ноти и спомени“ – вечер посветена на човекот кој остави траен белег во македонската музика и култура. Кире Костов (1959-2023), композитор, аранжер, пијанист и диригент, со стотици композиции за поп, евергрин, џез и детски фестивали, како и музика за театар и филм, остави длабок белег во македонската култура. Тој соработуваше со бројни ансамбли и оркестри, создавајќи дела кои ги инспирираат новите генерации музичари и ја позиционираат македонската сцена во европски контекст.

Монографијата, создадена со многу љубов од авторите Снежана Анастасова Чадиковска и Марко Коловски, е повеќе од книга – таа е сведоштво за неговата исклучителна кариера, но и доказ за семејната и битолската љубов што го овековечи. Настанот започна со изведба на песната „Охридски спомени“ од Сефедин Бајрамов, а продолжи со трогателните зборови на сопругата Кармен Костова, која ја сподели семејната посветеност и предизвиците со кои се соочиле за да се овековечи делото на маестро.

„На Кире никогаш не му беше тешко да пишува музика – тоа му беше најлесното нешто на светот, неговиот природен јазик. Единствено моментите пред да се роди композицијата беа обвиени со тензии. Тогаш им велев на децата: ‘тишина, татко ви пишува песна’. Но кога нотите ќе се сложeа, сè стануваше лесно, едноставно, како здив,“ рече Кармен.

„Кире одамна не е само музичар. Тој е дел од нашата биографија, дел од тивката гордост кога велиме – од Битола сум,“ истакна градоначалникот Тони Коњановски, најавувајќи идни проекти за соработка со семејството Костов. Општина Битола помогна во издавањето, а Битфест беше организатор на промоцијата.

Вечерта заврши со повторна изведба на Бајрамов на последната композиција што Кире ја напиша за него и долг аплауз како потврда дека големите уметници не умираат – тие живеат низ музиката, спомените и љубовта на својот народ. Следуваат радио-промоција на Радио Буба Мара и голем концерт во Скопје во ноември, посветен на маестро Костов.


1381

Задолжително

Verified by MonsterInsights