Стадионот „Петар Милошевски“ доби зелено светло од УЕФА
Стадионот „Петар Милошевски“ во Битола официјално доби зелено светло од УЕФА и на 9 септември ќе биде домаќин на квалификацискиот натпревар за Европското првенство, во кој младата репрезентација на Македонија до 21 година ќе се соочи со селекцијата на Италија.
Во изминатите речиси 40 дена, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во соработка со Општина Битола реализира инвестиција од околу 150.000 евра. Со тоа стадионот доби нов, современ изглед и услови кои ги исполнуваат европските стандарди.
Поставени се нови столчиња на јужната трибина, обновена е и обложена тартан патеката околу теренот, целосно се опремени службените простории и медија делот, набавени се нови клупи за резервните играчи, а уреден е и ВИП просторот. Како дел од проектот, ФФМ донираше современ ЛЕД семафор, додека теренот е обновен со механизација и ангажирани екипи од федерацијата.
„Успехот во Битола е пример за сите. Благодарение на посветената работа со градоначалникот Коњановски и неговиот тим, за кратко време го доведовме стадионот до нови стандарди, што УЕФА и самата го потврди,“ изјави претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
Омерагиќ најави дека следен приоритет ќе биде поддршката за реконструкцијата на градскиот стадион во Тетово, како дел од стратегијата за модернизација на фудбалската инфраструктура низ целата држава.
Со оваа инвестиција, Битола повторно станува важна фудбалска дестинација, а натпреварот Македонија – Италија ќе биде силен тест и вистинска промоција за новото лице на стадионот „Петар Милошевски“.