„Консонанс“ ја носи современата камерна музика
Во Офицерскиот дом во Битола, вечерва со почеток во 20 часот, ќе се одржи концерт на камерниот ансамбл „Консонанс“. Публиката ќе има можност да ужива во изведби на дела од современите македонски композитори Филип Иванов, Борјан Цанев и Дарко Илиевски.
Ансамблот „Консонанс“ постои од 2007 година и првично беше составен од музичари кои свиреа исклучиво на дрвени дувачки инструменти. Со текот на времето, составот се проширил со нови членови и инструменти, што придонело за побогат и поспецифичен звучен идентитет. Главен фокус на нивниот репертоар е камерната музика, со акцент на изразните можности на флејтата, кларинетот, англискиот рог и бас-кларинетот, како и на инструментите кои често се приклучуваат како гостински солисти.
Членови на ансамблот се истакнати музичари од Македонската филхармонија: Здравко Ангелов (кларинет), Маја Чанаќевиќ (англиски рог), Сашко Темелкоски (бас-кларинет), Елена Дојчинова (флејта) и композиторот и акордионист Дарко Илиевски. Секој од нив има богато искуство во оркестарското, солистичкото и камерното музицирање.
„Консонанс“ има настапувано на бројни фестивали и културни настани во земјата и во странство – меѓу кои Црна Гора, Бугарија, Хрватска и САД – а зад себе имаат и издание на компакт-диск со оригинални дела и аранжмани.