Куклениот театар од Велес со магична претстава во ООУ ‘Славко Лумбарковски’ – Новаци
Учениците од одделенска настава во ООУ „Славко Лумбарковски“ денес имаа можност да присуствуваат на куклена претстава изведена од Професионалниот младински куклен детски театар од Велес, во рамките на активностите од Годишната програма на училиштето. Настанот донесе вистинско уживање и незаборавен момент за најмладите.
Театарската претстава „Зајко Трајко“ претстави прекрасно споена едукација и забава. Преку вешта анимација на куклите и впечатлива сценографија, актерите ја пренесоа пораката за значењето на писменоста, другарството и љубовта кон македонскиот јазик и народната традиција.
Живописните кукли, кои на моменти изгледаа како вистински ликови, предизвикаа силни реакции, смеа и воодушевување кај учениците.
Од училиштето истакнуваат дека куклениот театар претставува моќна воспитно-образовна алатка. Преку него, децата се запознаваат со драмското творештво, учат да размислуваат критички, да се изразуваат и да ја ценат убавината на мајчиниот збор. Настанот уште еднаш покажа дека ваквите активности ја претвораат наставата во живо, динамично и инспиративно искуство.