МАЕИ поднесе тужба против Владата на Албанија поради мигрантските центри во Пустец

Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) поднесе тужба до Административниот суд од прв степен во Тирана против одлуката на Владата на Албанија за отворање на три мигрантски центри на територијата на Општина Пустец, која е населена претежно со припадници на македонското национално малцинство.

Од МАЕИ информираат дека со тужбата се бара Општина Пустец да биде изземена од државниот план за воспоставување мигрантски центри, со образложение дека одлуката е донесена без претходни консултации со локалната самоуправа, без соодветна транспарентност и без вклучување на локалната заедница. Според нив, ваквиот пристап е спротивен на Уставот, важечките закони и меѓународните стандарди за заштита на правата на националните малцинства.

Во соопштението се наведува дека одлуката може негативно да влијае врз интересите, безбедноста и демографската стабилност на македонската заедница во Пустец, како и дека отвора опасен преседан во третманот на малцинските средини без соодветно институционално почитување.

Од Македонската алијанса за европска интеграција најавуваат дека ќе ја продолжат правната и институционалната борба сè додека не се обезбеди целосна заштита на правата и достоинството на македонската заедница во Република Албанија.


1251

Задолжително

Verified by MonsterInsights