Реконструкција на спортските игралишта во Горно Оризари – нов простор за спорт и дружење
Во населбата Горно Оризари започна реконструкцијата на спортските терени во рамките на подрачното училиште „Тодор Ангелевски“, со што учениците и младите од оваа населба наскоро ќе добијат современ простор за спорт и рекреација.
Увид во почетокот на градежните активности направи градоначалникот Тони Коњановски, придружуван од пратеникот Пеце Милевски и одговорните лица вклучени во реализацијата на проектот.
Со проектот е предвидена целосна реконструкција на два спортски терени – ракометното игралиште кое се користи и за мал фудбал, како и кошаркарското игралиште. Работите започнаа со отстранување на стариот асфалтен, бетонски и земјишен слој, по што ќе следи поставување на тампон подлога, ново асфалтирање и поставување современа тартан подлога на површина од околу 900 квадратни метри.
Покрај обновата на терените, проектот предвидува и нивно целосно опремување со нови спортски реквизити, како и поставување транспарентна заштитна ограда висока три метри. Во рамки на уредувањето ќе се изградат и нови патеки со бехатон плочки, како и содржини што ќе овозможат формирање на училница на отворено.
Средствата за реализација на проектот се обезбедени преку Министерството за образование и наука, во рамките на вториот владин повик, а вкупната вредност на инвестицијата изнесува 11.318.523 денари.
Со оваа инвестиција значително се подобруваат условите за спорт, рекреација и настава на отворено, создавајќи поквалитетна и побезбедна средина за учениците и младите во Горно Оризари.
