„Танц Фест“ пристигнува во Битола – градот станува нова сцена на современиот танц

Битола ќе биде дел од фестивалската мапа на современиот танц, откако денес беше потпишан договор за соработка помеѓу Општина Битола и Интерарт културниот центар за реализација на програмата на „Танц Фест 2026“, која ќе се одржи на повеќе локации низ градот.

Со ова партнерство, Битола за првпат ќе биде домаќин на официјалното затворање на фестивалот, кое ќе се одржи на сцената на Народниот театар во Битола. Овој значаен културен настан дополнително го позиционира градот како важен центар за современата изведбена уметност во земјата.

Фестивалската програма во Битола ќе започне со експериментално отворање во соработка со Францускиот институт и програмата „Месец на франкофонијата“. Публиката ќе има можност да ја проследи претставата „Процеп“ на француската компанија „Ка-данс“, која го истражува односот помеѓу современиот танц и новите технологии.

Кулминацијата на фестивалските настани ќе биде на 5 мај, кога на сцената на Народниот театар ќе се одржи спектакуларното затворање со претставата „Будење“ на Скопје танцовиот театар.

Во рамки на програмата, Битола ќе биде домаќин и на дел од VR сегментот на „Танц Фест“, кој ќе се реализира во април. Овој иновативен концепт ќе ѝ понуди на публиката уникатно искуство на современи танцови продукции во виртуелна реалност, отворајќи простор за нови форми на перформативна уметност во кои танцот се спојува со дигиталните технологии.

Со ваквата соработка, Битола се позиционира како град кој ги препознава и поддржува новите трендови во изведбените уметности. Воедно, проектот придонесува за децентрализација на културните настани и создава нови можности локалната публика да се запознае со современите светски текови во танцовата уметност.

„Танц Фест Скопје“ веќе 22 години претставува една од најзначајните платформи за современ танц во регионот, носејќи во Македонија реномирани уметници и продукции од Европа и светот, како и поддржувајќи нови генерации домашни автори и танчери.


1163

Задолжително

Verified by MonsterInsights