51 тоалет ќе се реконструира во ОУ „Коле Канински“ – современи стандарди за хигиена во училиштето
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска го посети Основното училиште „Коле Канински“, каде што се планира целосна реконструкција на постоечките тоалети, кои со децении не биле обновувани. Со овој проект се предвидува создавање на услови кои ќе одговараат на современите стандарди за хигиена, како за учениците, така и за вработените, а ќе биде изграден и посебен тоалет за лица со инвалидитет.
Реконструкцијата ќе опфати двата блока на училиштето – подрум, приземје и кат. Во подрумските простории на првиот блок ќе бидат обновени машки и женски тоалети, со по три, односно пет кабини, како и адаптација на засебен тоалет за лица со инвалидитет. Во вториот блок подрумските тоалети ќе имаат по три кабини за машки и женски дел.
На приземјето, во првиот блок, ќе бидат реконструирани по пет кабини за машки и женски тоалети, додека во вториот блок истите ќе имаат по три кабини. На катот, првиот блок ќе има по пет кабини за машки и женски тоалети, а вториот блок по три кабини. Проектот исто така предвидува реновирање на тоалетите за вработените и целосна замена на водоводната и одводната мрежа.
Во рамки на проектот, во училиштето ќе бидат вкупно реконструирани 51 тоалет, а инвестицијата изнесува 7.489.991 денар, обезбедени од буџетот на Општина Битола.