Битола го враќа сјајот на старото градско јадро
На денешната седница на Советот на Општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски најави реализација на програмата за поставување урбана опрема на јавни површини во општината.
Според Коњановски, документот предвидува стратешки пристап кон урбаната опрема – клупи, канделабри, детски реквизити, киосци и билборди – не само пред угостителските објекти, туку на сите јавни простори. Со него се решава долгогодишниот проблем со привремените измени на програмата, која досега беше стара речиси десет години.
Особено внимание е посветено на битолскиот Широк сокак, каде се предвидува отстранување на оградите во зимскиот период, како и на киосците и билбордите во заштитената зона на старото градско јадро.
Целта, како што истакна Коњановски, е Битола да наликува на современ европски град, при што се почитуваат мислењата на стручната фела, здруженијата на угостители и граѓаните.
Исто така, Советот ќе расправа за одлуката за поставување урбана опрема – тезги и трицикли – во Градскиот парк и на шеталиштето, како и за утврдување на почетна цена за нивен закуп.