Општина Битола објави јавен повик за поддршка на КУД за 2026 година
Општина Битола објави јавен повик за кофинансирање на програмски активности и настани на културно-уметничките друштва (КУД), со цел збогатување и афирмација на фолклорот, како и поголема вклученост на младите во зачувување на традицијата и културата.
Повикот е дел од Програмата за култура за 2026 година и има за цел поддршка на активности поврзани со презентирање, афирмирање и зачувување на материјалното и нематеријалното културно наследство.
За оваа намена се предвидени вкупно 1.450.000 денари, а избраните проекти треба да се реализираат најдоцна до 31 декември 2026 година.
Право на учество имаат сите културно-уметнички друштва – здруженија на граѓани од областа на фолклорот со седиште во Општина Битола, чија основна дејност е развој и промоција на традицијата, како и формирање и работа на фолклорни секции.
Јавниот повик е отворен од 2 до 17 април 2026 година, до 15:30 часот.
Повеќе информации за условите и начинот на аплицирање се достапни на официјалната веб-страница на Општина Битола.