Промоција на збирката „Она што се памети живее“ во Битола
На 6 април, во НУ НУБ „Св. Климент Охридски“ во Битола ќе се одржи промоција на збирката раскази „Она што се памети живее“, со поднаслов „Никогаш докрај раскажани приказни“, во организација на Друштвото на писателите на Македонија.
Станува збор за издание кое го чествува споменот на поранешни членови на Друштвото, автори кои со своето творештво оставиле значаен белег во македонската култура. Во рамки на првото издание „Амаркорд“, меѓу вкупно 21 расказ, се вклучени и сеќавања посветени на битолските писатели Владимир Костов и Драги Михајловски.
Промоцијата ќе ја модерираат Даниела Андоновска-Трајковска, претседателка на Македонското научно друштво од Битола, и Живко Грозданоски, претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Во разговорот ќе учествуваат авторите Петар Андоновски, Елизабета Јончиќ, Ирена Јурчева, Фросина Пармаковска, Милица Радевска и Добре Тодоровски.
Во текот на настанот, авторите ќе споделат сеќавања и за дел од истакнатите личности на македонската книжевна сцена, меѓу кои Радован П. Цветковски, Панде Манолјов и Никола Кочовски.
Организаторите најавуваат настан кој ќе биде посветен на зачувување на книжевната меморија и оддавање почит на творците кои оставиле трајна културна вредност.